Филм инспириран само од една фотографија на која се гледа како се поздравуваат кралот на рок енд ролот и Никсон познат во историјата подоцна како прв претседател што се прислушкувал сам себеси. Фотографијата датира од 1970 година, а и претходат неколку писма напишани од страна на Елвис Присли кој со воодушевување му се обраќа на неговиот претседател, нудејќи му се и да стане федерален агент со образложение дека е навистина крал на многу луѓе во светот и можел да брифира информации. Навидум будалеста приказна, но вистинита.
Лиза Џонсон е режисер на овој филм во траење од 86 минути, која ова рандеву го пренесува со луцидност, префинет хумор и многу чуден кастинг на прв впечаток. Кевин Спејси брилијантен како Никсон, со неговата бравура во однос на актерската игра како коментар на се што игра кога го гради ликот и Мајкл Шенон кој воопшто не наликува на Прилси, но со неговите движења кои се заштитен колорит кога градите лик на Елвис. Шеноновиот Елвис е арогантен, самоуверен, малку наивен, но од друга страна и ранлив и осамен. Неговата увереност кон Никсон убедувајќи го дека може да стори нешто со хипи движењето оти во спротивно сите ќе станат комунисти е урнебесно смешно, но сведоците од тоа време и опкружување велат дека се вистинити.
Кевин Спејси го игра Никсон давајќи на неговите асистенти строги насоки како треба да се однесува Елвис кога ќе влезе во Овалната соба, секако Елвис ништо од тоа нема да испочитува, и ја покажува параноидноста на Никсон како и неговата арогантност.
Легендата вели дека средбата се случила пред Никсон да почне да ги снима разговорите, и од оваа средба има само фотографија и писма кои ги пишувал Елвис.
Овој филм е само коментар на една луцидна средба.
Погледнете ја најавата за филмот и не пропуштајте забава 86 минути.
Бејбимама