Актерите кои го играа Елвис Присли

6 јули 2022

Можеби еден од најатрактивните популарни ликови за филмаџиите кои се занимавале со биографски филмови несомнено е Кралот на рокенролот - Елвис Присли!

Оваа година за музичката биографија во режија на Баз Лурман, улогата на Елвис Присли му беше доделена на Остин Батлер. За оваа прва главна филмска улога, младиот актер посветил две години за комплетно да го трансформира својот изглед, како и своето држење и однесување. Напорниот труд секако се исплатеше, затоа што на крајот Батлер не само што го оживеа музичарот, туку и ги освои срцата на публиката, особено генерацијата која растела со неговата музика.

Но, Лурман и Батлер не се првите што се занимавале со легендата Елвис Присли. И во минатото Присли претставувал огромна инспирација за филмската индустрија, а и тој самиот сакал да биде дел од неа. Неговиот агент Том Паркер (кој во филмот на Лурман го игра Том Хенкс) честопати морал да го одвраќа музичарот од идејата да влезе во филмските води.

Во 1979 година, две години по трагичната смрт на Присли, во ТВ-филмот насловен „Elvis", Курт Расел ја презеде насловната улога, освојувајќи номинација за Златен глобус и Еми. Две години подоцна, во музичкиот документарен филм „This Is Elvis" Дејвид Скот го интерпретираше Кралот на рокенролот на 18-годишна возраст, кога ги направил првите чекори. Во истата продукција, Џони Хара, кој има неверојатна сличност со Присли, го глумеше на 42-годишна возраст, непосредно пред да почине.

Истата година, друг ТВ филм насловен „Elvis and the Beauty Queen", со Дон Џонсон во главната улога прикажа еден од помалку познатите аспекти од животот на Присли - неговата врска со Лиза Томпсон, жената што го освои неговото срце по раскинувањето со Присила, додека пак филмот „Elvis and Me" oд 1988 година, ја прикажа врската од другата перспектива, низ очите на Присила, која го запознала Елвис кога имала само 14 години за време на неговиот престој во Германија. Во таа продукција, Присли го играше Дејл Мидклиф.

Смртта на Присли предизвика мноштво од гласини и теории кои тврдеа дека Елвис е сепак жив. Филмот „Finding Graceland" од 1998 година беше заснован токму на оваа теорија, каде Харви Кајтел игра верзија на живиот Елвис. Го продуцираше Присила Присли, а сцените беа снимени во замокoт Грејсленд во Мемфис. Музичката комедија „Heartbreak Hotel" (именуван според истоимената песна) пак разгледува една поинаква теорија каде еден млад човек го киднапира Елвис Присли за да ја израдува својата болна мајка, која е негова голема обожавателка. Улогата на Елвис овде му припадна на Дејвид Киф.

Во 1992 година, Николас Кејџ, кој во тој период беше во брак со Лиза Мари Присли еден месец, се појави во комедијата „Honeymoon in Vegas". Во овој филм, ликот на Кејџ станува член на група која се занимава со имперсонализација. На тој начин тој добива шанса да ја облече белата униформа на кралот и да му оддаде почит на неговото дело.

Во 1993 година пак, во филмот насловен „Elvis and The Colonel" The Untold Story" во режија на Вилијам Грахам, главната улога му припадна на Роб Јангблад, додека па Воу Бриџес го одигра Том Паркер. Овој филм ја отслика посебната врска помеѓу музичарот и неговиот агент. А истата година во филмот „True Romance" напишан од Квентин Тарантино, Ван Килмер играше измислена верзија на Кралот на рокенролот.

Во 2005 година, премиерно беше прикажан уште еден филм со наслов „Elvis" (исто како оној од 1979 година), каде глуми Ирецот Рис Мејерс, кој за оваа улога освои Златен глобус.

Средбата на Елвис Присли со претседателот Никсон во 1970 година и нивното понатамошно пријателство стана инспирација за Лиза Џонсон да го сними филмот „Elvis & Nixon" во 2016 година каде на Мајкл Шенон му беше доделена можноста да го игра музичарот, и иако овој избор на почетокот се сметаше за неконвенционален, сепак остави позитивен впечаток кај публиката.

Ликот на Кралот на рокенролот беше оживеан и во филмот „Walk the Line" кој всушност е биографија на Џони Кеш (Хоакин Феникс). Игран од Тајлер Хилтон, Присли се појавува во овој филм само во одредени сцени, но доволно за да сфатиме дека Присли и Кеш ѝ припаѓале на истата продуцентска куќа Sun Records, за која исто така беше снимена и истоимена ТВ серија во 2017 година.

Објавено:
6 јули 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
199 пати