Почина ќерката на Елвис Присли, Лиза Мари Присли

13 јануари 2023

Во 54-та година од животот, почина Лиза Мари Присли, единствената ќерка на Елвис Присли.
Пејачката доживеала тежок срцев удар во нејзиниот дом, а болничарите се обиделе неколку пати да ја реанимираат на пат кон болницата каде и починала.

Тажната вест ја потврди и нејзината мајка, 77-годишната Присила Присли.

„Со тешко срце морам да ја споделам тажната вест дека мојата прекрасна ќерка Лиза Мари нѐ напушти. Таа беше најстрасната, најсилната и најсаканата жена што некогаш сум ја познавала. Бараме приватност додека се обидуваме да се справиме со оваа длабока загуба. Ви благодариме за љубовта и молитвите. Засега нема да има дополнителни коментари", изјави Присила во соопштение до јавноста.

Само два дена пред хоспитализацијата, Лиза Мари присуствуваше на доделувањето на Златните глобуси, во знак на поддршка на Остин Батлер, кој ја освои статуетката за портретирањето на Елвис Присли во биографскиот филм „Elvis".

Лиза Мари е родена во 1968 година, а имала само 9 години кога нејзиниот татко Елвис исто така починал од срцев удар. Музичката кариера ја започнала со деби албумот To Whom It May Concern во 2003 година. Па следувал Now What во 2005 година и третиот албум, Storm and Grace, објавен во 2012 година.
Лиза Мари беше сопственик на замокот на нејзиниот татко, Грејсленд во Мемфис, кој важи за популарна туристичка атракција.

 

Објавено:
13 јануари 2023
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.986 пати