Концерт на Влатко Стефановски на 1. август во Охрид

12 јули 2018

По огромниот успех и продадените 3 концерти во Македонската Филхармонија во март оваа година, најновиот проект на Влатко Стефановски, албумот „Мајчин Јазик„ ќе прозвучи и на Антички Театар во Охрид! На 1 август, со почеток во 22 часот, публиката ќе има можност повторно да го доживее извонредниот проект кој несомнено наиде на големо воодушевување како кај посетителите така и кај критиката.

Нашиот гитарски виртуоз во Охрид ќе настапи со гостите Биља Крстиќ од Србија, Теодоси Спасов од Бугарија, Танос Ставридис од Грција, Весна Гиновска Илкова и групата Љубојна од Македонија. Балканската етно дива Биља Крстиќ настапи и на концертите во Филхамонија изведувајќи ја песната „Димитријо сине Митре„. Овациите од публиката и емоциите кои ги предизвика нејзиниот настап пратена од гитарата на Влатко беа доволен мотив ова дуо да го слушнеме уште еднаш. Инаку ова е прва официјална соработка на Биља и Влатко.

Музиката на Теодиси Спасов, и неговата долгогодишна соработка со Стефановски се познати на македонската публика. Тој секогаш со задоволство настапува пред македонската публика и се радува на секоја следна соработка со нашиот гитарист. Танос Ставридис е еден од најпознатите современи етно музичари во Грција, кој со својата хармоника ги оживува и афирмира балканските звуци и музика на еден свој оригинален и препознатлив начин. Ова не е негова прва соработка со Влатко Стефановски ниту со Теодисии Спасов. Нашата оперска дива Весна Гиновска Илкова беше вистинско изненадување на мартовските концерти а нејзините вокални бравури предизвикаа стоечки овации, додека соработката со Вера и Оливер од Љубојна продолжи и на овој проект на заедничко задоволство.

Организатор на концертот е Баги Комуникации, а тие велат дека како и секогаш кога е во прашање Влатко Стефановски, треба да очекуваме одлично концертно доживување кое долго ќе се памети, особено поради извонредниот музички материјал, виртуозноста на гитаристот и неговите гости, секако надополнето со магичнот амбиент на Античкиот Театар во Охрид. Билетите се со цена од 1.000 и 1.200 денари и истите се пуштени во продажба онлајн и на сите продажни места на www.kupikartizase.com.
11.07.2018

Објавено:
12 јули 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
108 пати