Лазе Трипков најавува самостојна изложба на плакати

13 ноември 2014

Во пресрет на почетокот од 7-то издание на Скопје постер фестивал 2014, иницијаторот и куратор на фестивалот, Лазе Трипков ја најавува самостојната изложбата на плакати создадени во период од 2004 до 2014 година.  Трипков, досега бил дел од 30-тина меѓународни проекти, вклучувајќи ги и досегашните шест изданија на постер фестивалот. Освен тоа, тој во своето портфолио ги има и изложбите надвор од нашата земја меѓу кои се оние во: Њујорк,Прага, Варшава, Белград, Истанбул, Париз и Лисабон. Покрај тоа Трипков се потпишува и како ко-основач на Скопската недела на дизајн.

Во каталогот подготвен како најава за изложбата тој пишува:

„Графичките дизајнери, независно од какво етничко потекло се и независно од средината во која творат, се тие што ги решаваат визуелните комуникациски проблеми. Од есенцијално значење е вештината на размислување и создавање перцепција со слики, зборови и симболи. Способноста да се создаде убедлива или информативна перспектива на некоја идеја е многу важно. Но, најважната работа во дизајнот е да го создадеш патот!“, посочува Лазе.

Инаку, отворањето на изложбата е закажано за 17-ти ноември (понеделник) со почеток од 20 часот во просториите на Младинскиот културен центар. Изложбата на плакати  ќе ја раскажува својата оригинална приказна се до крајот на тековниот месец.

Објавено:
13 ноември 2014
Категорија: 
Култура