Во Македонската опера и балет во петокот се одржа конференцијата за медиуми на која беа изнесени детали за концертот на нашата позната рок група „Леб и Сол“, со кој ќе прослави 40 години од своето постоење и делување.
Воедно, ова ќе биде и нејзин последен настап, со кој се заокружува една блескава музичка историја.
Како беше пренесено на конференцијата, за концертот е предвидена специјална програма, а составот ќе го придружува оркестарот и хорот на МОБ, за кој се изработени и специјални аранжмани.
Токму затоа се одбрани и композиции што дозволуваат приспособување на аранжманите, за на крај да се добие уникатна форма.
Членовитите на групата, Кокан Димушевски, Бодан Арсовски, Димитар Божиков и Михаил Парушев истакнаа дека творештвото во изминативе 40 години ќе трае уште многу долго. Ова за нив е збогување со концертните активности и сцената, но не и со музиката.
За сите оние што сакаат да бидат дел од овој музички спектакл, ќе биде од важност и информацијата дека поради големиот интерес, концертите закажани за вторник, 20.12. и среда 21.12.2016 година се веќе распродадени. За таа цел закажан е и трет концерт, во четврток, 22.12.2016 година со почеток во 20 часот и билетите за истиот се пуштени во продажба.
Па доколку до сега не успеавте да купите, имате уште една шанса.