Леонард Коен: Планирам да живеам вечно

11 ноември 2016

Еден од најголемите и највлијателни поети, пејачи и текстописци, Леонард Коен почина вчера на 82-годишна возраст. „Сони Мјузик Канада“ ја потврди веста, преку Фејсбук страницата:

„Со голема тага соопштуваме дека легендарниот поет, текстописец и уметник, Леонард Коен, почина. Го изгубивме еден од најпочитуваните и најплодните автори и визионери. Комеморацијата ќе се одржи во Лос Анџелес неколку дена подоцна. Семејството замолува за приватност во текот на тагувањето“, се вели во вчерашното соопштение.

Причината и точното време на смртта не се дадени.

„Татко ми почина мирно во неговиот дом во Лос Анџелес, со сознание дека го завршил она што го чувствувал, а тоа е една од неговите најголеми плочи. Пишуваше до последните мигови, со неговиот уникатен смисол за хумор“, изјави синот на Коен, Адам за магазинот „Ролинг Стоун“.

Своите чувства ги сподели и менаџерот на Леонард, Роберт Кори.

„Бев благословен и почестен што можев да го наречам пријател, и тоа што можев да бидам десната рака што ќе служи на неговиот впечатлив уметнички дух беше привилегија и голем дар. Зад себе остава наследство од работа што ќе донесе инспирација и исцелување на генерациите што следат“, вели Кори.

Неговиот впечатлив баритон и поетската лирика раскажуваа приказни за љубов, омраза, смрт, војна и мир, со што ја заработи титулата „висок свештеник на патосот“ и „кум на мракот“. 

„Никогаш немав чувство дека постои крај. Дека има пензионирање, или има џекпот“, изјави авторот во 1992 година.

Леонард Коен е роден на 21-ви септември во 1934 година, во Квебек. Како тинејџер учи да свири гитара и формира етно група наречена „Buckskin Boys“.

Поезијата на Шпанецот Федерико Гарсија Лорка ќе го пренасочи кон пишување поезија, а авторот до толку го фасцинира и интригира што и на ќерка си ќе ѝ го дадем името Лорка.

На универзитетот „Мекгил“ се запишува во 1951 година и таму освојува неколку награди за својата поезија. Првата збирка песни „ Let Us Compare Mythologies“ ја објавува во 1956 година. Во неа е поезијата која ја пишува во периодот од 15-тата до 20-тата година, а посветена е на неговиот татко кој починал кога Леонард имал девет години.

Втората збирка песни „ The Spice-Box of Earth“ ја објавува пет години подоцна, а токму ова дело ќе му помогне да добие признание од критиката и епитетот „нов глас“ во канадската поезија.

Во текот на 1960-тите пишува и проза, и тоа во куќата на грчкиот остров Идра.

Во 1966-67 се сели во Њујорк, кога започнува и неговата кариера како пејач. Во тој период го објавува и првиот албум „Songs of Leonard Cohen“.

Песната „Hallelujah“ ја објавува во 1984 година, а оттогаш се создадени преку 300 верзии од разни изведувачи.

Уште еден од неговите познати хитови е и „Dance Me to The End of Love“. Иако, многумина сметаат дека ова е љубовна песна, всушност, инспирирана е од Холокаустот. Коен се сеќава: „Тоа произлезе од она што го слушав или го читав или го знаев, дека во некои од логорите, освен крематориумот, жичан квартет бил присилен да свири, додека се случувал хоророт. Тоа се луѓе чија судобина беше исто така тој хорор. И тие свирале класична музика додека останатите заробеници биле убивани и горени".

Токму, оваа музика „Dance me to your beauty with a burning violin", значи убавината на консумирањето на животот, крајот на неговото постоење и страстниот елемент во тоа консумирање. Но, во исто време, тоа е истиот јазик што го користиме кога се препуштаме на љубовта, па оваа песна, не е важно дали некој ја знае нејзината генеза, е настаната од извор што значи страст и ќе може да ги прегрне сите активности произлезени од страста. (1000 Songs That Rock Your World by Dave Thompson.)

Неговото дело опфаќа пет децении во кои објави 14 студиски албуми, од кои последниот минатиот месец „You want it darker“, кога и изјави: „Планирам да живеам вечно“, а со наследството што го остави тоа несомнено ќе биде така.

Во продолжение ви презентираме дел од неговата поезија и дел од најзначајните песни за неговата кариера.

ПОДАРОК

Ми велиш тишината
е поблиска од песната до спокојот
Но ако за подарок
ти дарам тишина
(оти ја знам тишината)
ти ќе речеш
ова не е тишина
ова е само песна
и ќе ми го врачиш назад.

СЕ ЧУДАМ КОЛКУ ЛУЃЕ ВО ГРАДОВ

Се чудам колку луѓе во градов
живеат во наместен стан.
Доцна ноќе загледан во зградите
жими сè, наоѓам лица на секој прозор
кои се џарат во мене
и штом се свртам
се чудам колкумина ќе седнат на маса
да чкртнат некој ред за ова.

ЧЕКАЈЌИ ГО ЧУДОТО

Душо моја, чекам
чекам ноќ и ден
пол живот во слепило
на чекање сум плен.
Покани едночудо,
Знам, и ти по некоја ми прати
ама јас за чудо изгорен,
го чекав чудото со саати.

Ме љубеше, несомнено,
но, рацеве на гром му биле мета,
и знам ова те погоди
и тебе и твојата суета.
Под пенџер да стоиш
со гајда и зурла-тага
а јас горе чудо чекам,
од чудо да видам трага.

Не си ти за овде душо,
мераците брзо ќе ти минат
севдалинки овде нема
а грешките скапо чинат.
Маестро вели, Моцарт ќе е,
но звукот некако распукано звучи,
кога чекаш чудо
кога чекаш чудо
чудо кога чекаш да се случи.

Времето за чудо плаче
за сè друго смртен кревет
олку не сум била среќна
дур од март, деведесет и девет.

За сè друго смртен кревет
кога знаеш кај те нема.
За сè друго смртен кревет
кога сал за трошче едно молиш.
За сè друго смртен кревет
кога знаеш дека чекаш
и ќе чекаш чудо,
Зошто чудо толку болиш?

Сношти беше душо моја
кога на сон ти ми слета.
Голотија место ноќна руба
исткаена светлост света.
Песокот на времето се срони
од палчето, прстињата твои
и види чудо, и ти чудо чекаш
и за тебе времето за чудо ќе стои.
Душо слатка, ајде да се венчаме
самоста не отепа и тебе и мене.
Па во самост иднина заедно да градиме
да видиме дали сме од херкулско семе.
Ај да се одлепиме
да правиме нешто лудо
и така, заедно да чекаме
чудо да ни дојде, чудо.

За сè друго смртен кревет...

Во паркот на клупата скиснат
му редиш приспивни на дождот,
ќе налета некој, ќе те праша
„Како е?" „Па, не е лошо".
И тогаш ќе почне да те дави
но, држи се, прави се на Тошо
и кажи му чудото го чекаш
по договор да излезе од ќошон.

 

 извор: Rollingstone.com, blesok.com, dw.com

Објавено:
11 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
465 пати