„Less is more“ колекција накит инспирирана од чистината на геометријата

12 декември 2017

Овој петок (15 декември) во пивницата „Колектив" во Скопје ќе биде промовирана третата по ред колекција накит на младата креативка Александра Вељановска.

Колекцијата е насловена „Less is more" алудирајќи на инспирацијата која е поттикната од чистината на геометриските форми.

„Колекцијата содржи накит кој ќе биде достапен во сетови односно ланчиња со обетки, прстени, алки, брошеви итн. Инспирацијата за колекцијата ја црпам од чистината на геометриските форми, па поради тоа одлучив да се вика ''less is more''. Нешто ново како дополнителен мој израз во колекцијата ќе биде „Imagination'' техниката, која е мој личен креативен печат. Се работи за уникатна техника изведена со цртање на форми на лист хартија со слободна рака, кои наликуваат на веќе постоечки форми на некој предмет, личност, флора или фауна. Потоа се пресликуваат во привезоци за ланче и обетки", вели Александра во најавата за изложбената промоција.

Како што додава дизајнерката, новитет во оваа колекција е имплементирањето на полимерната глина. Исто така колекцијата содржи и украсни пеперутки-машни што е уште еден новитет, како и плетените машки и женски шалови.

Изложбата ќе биде отворена во 19.30 часот, а за музичкиот дел се задолжени Swing Walkers и Dj Sonja Ismail.

Објавено:
12 декември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
114 пати