Луј Витон издава книга во чест на најдобрите модни фотографски имиња

25 август 2014

Мерт Алас и Маркус Пигот, Хенри Кларк, Патрик Демаркелиер, Ени Лејбовиц, Питер Линдберг, Грег Мекдин, Стивен Мејсел, Јирген Телер, Марио Тестино, Инез ван Ламсверд и Винод Матадин, се само дел од протагонистите кои се директно инволвирани во реализацијата на следниот проект кој ќе го режира модната куќа Луј Витон.

Следната есен во селектирани книжарници и продавници на францускиот бренд ќе биде достапна „Louis Vuitton Fashion Photography“, книга која го следи развојот на модната куќа низ годините со особен нагласок на фотографите препознатливи за овој бренд, кој во моментов е на врвот во модниот свет.

Книгата е поделени во три дела, а пред почетокот на секој дел има краток вовед од страна на писателот и фотограф Шарлот Котон. Едицијата ќе вклучува статии за мода кои датираат од 1977 година, ретроспективни навраќања кон 50-тите години како и рекламни кампањи фотографирани од водечките модни фотографски имиња.

Лимитираното издание ќе го објави издавачката куќа Рицоли од Њујорк, а потрошувачите ќе имаат можност да одберат една од трите насловни страни на книгата фотографирани од Демаркелиер, Мекдин и Берт Стерн. „Louis Vuitton Fashion Photography“ ќе биде достапна од први октомври во две верзии на англиски и француски јазик, а ќе чини 100 евра.

Објавено:
25 август 2014
Категорија: 
Култура