„Медена земја" на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, е прогласен за најдобар документарен филм за 2019 година, според Организацијата на филмски критичари од Њујорк.
Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на гала-вечер на 7 јануари во Њујорк.
„Медена земја" во низата престижни признанија, минатиот месец освои две награди и на Изборот на критиката за документарци во САД во Њујорк. На режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов им беше врачена награда за најдобар прв документарен филм, а на главната протагонистката во документарецот – Атиџе Муратова ѝ беше доделена наградата за најпривлечен лик во документарец.
Филмот е и меѓу петте номинирани за најдобар документарец на Европските филмски награди за 2019 година кои ги доделува Европската филмска академија (ЕФА). За овој избор одлучуваат гласовите на 3 600 членови на ЕФА, а победниците ќе бидат прогласени на свеченост задутре (7 декември) во Берлин.