Македонскиот филм „Медена земја“ е прогласен за најдобар документарен филм во светски ранг

3 февруари 2019

Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја" („Honeyland"), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, триумфира во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал „Санденс" („Sundance").

На церемонијата што се одржа во Парк Сити, Јута, САД, „Honeyland" ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
„Honeyland" беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс" во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.

Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, да влезе во конкуренција и да освои награди на „Санденс", и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија.
„Медена земја" („Honeyland") раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

 

Објавено:
3 февруари 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.329 пати