„Медена земја“ за работи што значат: Кога ќе се загрози животната средина, заминувањето е неминовно

19 февруари 2019

Изминатиов период сите се чувствувавме горди на успехот што го постигна екипата на документарниот филм „Медена земја“на престижниот фестивал „Санденс“ . После бројни гостувања и ангажмани, вчера направија „пауза“ на домашен терен, на средба со новинарите во клуб ресторанот „МКЦ“.

-Не знам кога повторно ќе успееме да се собереме цела екипа, затоа искористете го максимално овој момент и ве молиме за разбирање – вели продуцентот Атанас Георгиев.

И да, ова навистина беше посебен момент во кој гледате во мала екипа, наша, која направи голема работа во европски и во светски рамки и не можете да не си помислите, конечно нешто добро, вредно, уметнички, препознаено, а домашно.

За потсетување, на церемонијата што се одржа во Парк Сити, Јута, САД, „Honeyland" ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

- Кога тргнувавме на „Санденс“, знаевме дека со нас носиме нешто големо, и токму поради тоа како да знаевме дека овој филм ќе донесе награда, но не очекувавме дека ќе се вратиме со три, меѓу кои и главната награда. За мене, „Санденс“ е мост за две релации ‒ глобална и индивидуална. Глобалната значи дека по овој фестивал имаме можност да нѐ види и слушне светот, да ни ја слушне маката, а ако имаме среќа, може и нешто ќе се смени или барем ќе се помрдне – посочува продуцентот Атанас Георгиев.

Не се лажно скромни и не кријат дека овој успех ги радува, но сепак, би сакале фокусот да се стави на пораката што филмот ја праќа, повеќе отколку на тоа колку награди се освоени или ќе се освојат.

-Сакам да потенцирам дека ова не е филм за пчели. Главната порака е за фер искористување на природни ресурси. Во конкретниов пример се пчелите и медот, но може да биде било што. Многу е важно да ја зачуваме животната средина – вели Љубо Стефанов, еден од режисерите на филмот.

Атиџе, главниот лик во филмот, е последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата, кога семејството на номадски пчелари се населува на нејзината земја и ѝ ја загрозува егзистенцијата. Таа запазува еден принцип на фер искористување на животните ресурси: „Земи пола – остави пола“ што кога сите би се придржувале на истиот, би ја зачувале животната средина.

Тамара Котевска, исто така режисерка на филмот  вели дека успехот на филмот се должи на повеќе работи:

-Го скршивме клишето околу суетноста на режисерот. Добар филм е кога ќе се вложиш со срце, а ние тоа навистина го направивме. Овој проект започна како истражување за областа и животната средина околу реката Брегланица, а заврши како една лична приказна, со многу голема порака. Воедно, со „Медена земја“ покажавме дека и мали екипи како нашата можат да направат големи филмови, но и дека истите можат да го сменат животот на обичните луѓе.

Во таа насока, екипата откри дека Атиџе им признала дека ѝ ја оствариле желбата некој да ја снима како шета по ридовите.

-Многу е важно главниот лик да ја сака камерата, а кај Атиџе тоа се забележа веднаш, за разлика од семејството, на кое му требаше малку повеќе време да нè прифати. Но, довербата на Атиџе ни помогна да не се плашиме од пчелите. Снимавме без заштита – посочи снимателот Самир Љума.

Тој и Фејми Даут беа наградени за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography), не криеја дека овие признанија се навистина од големо значење за нив.

-Наградите на престижниот фестивал за независен филм „Санденс“ кој ги освои филмот „Медена земја“ се нешто што секој филмски работник потајно си ги посакува. Најзначајна за мене како снимател е токму специјалната награда од жирито за кинематографија која нѐ става на пиедесталот, рамо до рамо со врвни кинематографи од светот. Искрено, се надевам дека оваа награда ќе ни овозможи пред сѐ повеќе работа, како во нашата држава, така и на меѓународни проекти – вели Љума.

‒ Да се учествува на ваков голем фестивал, најголем на светот за независен филм, е искуство како ниту едно друго. За мене претставува почеток на ново професионално поглавје во кариерата. Драго ми е и не можам да кажам дека не ме радува фактот што дваесетина години вложен труд конечно беа наградени со една ваква престижна награда, и тоа од луѓе кои не беа инхибирани од нашиов македонски микрокосмос. За жал, овие работи како, на пример, да се препознае вложениот труд, тука во Македонија, се базираат на квантитативни вредности, а не на квалитет. За мене, оваа награда, како посветен филмски работник – само ме поттикнува да работам дотолку попосветено. Сепак, светот ја виде мојата работа и ме награди за тоа. Иднината е таму каде што ме препознаваат, во интернационални ангажмани ‒ рече Фејми Даут.

Инаку, „Медена земја“ застапуван од „Сабмарин ентертеинмент“, деновиве потпиша договор со американската компанија за производство и дистрибуција на филмови, „Неон“, која ги откупи правата за прикажување на македонскиот филм во Северна Америка. Оваа компанија најави дека остварувањето ќе се прикаже во 15 од топ 50 пазари на континентот, вклучувајќи ги и Њујорк, Лос Анџелес и Сан Франциско. Изминативе неколку години „Неон“ дистрибуира познати наслови како Colossal; I, Tonya; Borg vs McEnroe; Revenge; Ingrid Goes West; Monsters and Men; Border и други.

Следниот месец, поточно на 12 и 13 март во скопското кино „Милениум“ ќе има две затворени проекции, додека официјалната премиера е планирана за август, во рамки на фестивалот за документарни филмови „Македокс“.

Филмот како уметност, оди во насока да нема поделби. Играниот да личи на документарен и документарниот на играниот, што очиглено ни успеа – вели Љубо.

Три години траел процесот на создавање на филмот. Имале преку 400 часа снимен материјал кој потоа е спакуван во 85 минути. Екипата буквално сраснала со Атиџе и уште едно семејство во селото Бекирлија, што на крај резултирало и со конкретна помош од нивна страна.

-Многу е важно да им се помогне, но не само со пари. Најмалку што можевме е да им го оставиме џипот со кој се превезувавме тоа поминато време, како и да ѝ обезбедиме на Атиџе и семејството подобри услови, цивилизирани услови. Но, сакаме да потенцираме дека недостасува уште многу, дека ние не обезбедивме сè – велат од екипата, што воедно може да биде апел за сите луѓе што сакаат да помогнат.

Инаку, филмот го следи и кампања за поддршка и помош на протагонистите. Со секоја нарачана тегла мед добиен на одржлив начин, ќе се донираат средства што ќе се искористат за подобрување на условите за живот, пред сè на децата што се појавуваат во филмот, за нивното образование, а доколку има можност и на останатите личности, па дури и на целата средина во која живеат.

-Сведоци сме на многу заминувања од државата од различни побуди. Но, кога ќе се загрози животната средина, заминувањето е неминовно. Ова би сакале да биде порака до владата, до сите луѓе со влијание и моќ, како и до сите граѓани да почнеме поинаку да размислуваме и да преземаме мерки за да останеме и да ја зачуваме средината – порачува Атанас.

Интересно е што на денот на премиерата на „Санденс“ тие добиваат информација дека се раѓа осмото дете во семејството. Се раѓа нов живот, како симболика за раѓање на нова шанса да направиме промена пред да биде доцна.

 

Објавено:
19 февруари 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
327 пати