Мирослав Масин наслика уметност на џинс под мото „Пери-носи-врами“

27 декември 2014

Кафе барот „Цреша“ беше местото каде истакнатиот македонски сликар Мирослав Масин ја претстави неговата прва капсулна колекција во соработка со „М – џинс“.

Како што и самиот ќе каже на промоцијата, предлогот за ваква соработка тој го прифатил без никакво размислување, а крајниот производ е и повеќе од одличен! Целата колекција фармерки на кои е насликано дел од долгогодишното искуство на Масин, претставува неверојатна свежина во македонската мода.

„Некој се слика со пелерини од ренесанса, па некој со качкети итн, е јас се сликам со фармерки и обожавам да си ги носам. Последниве две години кога и да одам на свадби, на погреби, промоции, си ги носам тие насликани фармерки со бела кошула и чисто сако. На Јасмина Кантарџиева и фирмата „Културен концепт“ им текна да ми предложат една ваква соработка и за многу кратко време, истата донесе одлични резултати“, вели Масин за Fashionel.

Под мотото „Пери-носи-врами“, иницијативата за капсулната колекција составена од стотина парчиња класичен џинс произлезе од „Културен концепт“. Раководејќи се со главното мото, секое парче од „М-џинс“ може да се користи, односно да се носи во секојдневниот живот, но може и да се врами како уникатно уметничко дело. Модните парчиња се изработени од квалитетен материјал со македонски дизајн и дополнително рачно се насликани со мотиви од имагинацијата на Мирослав Масин.

„Сликањето на овие фармерки беше исто како да сликам на платно. Јас сликам на платно, сликам на клавир, сликам на џинс...Така што тоа не беше воопшто тешко. Јас и онака постојано ги носам за себе овие фармерки кога одам во продавница, кога одам со пријателите на кафе, затоа што немам многу време за пресоблекување, па може и да се каже дека сум препознатлив токму по нив, како што кажавте вие, тие се мојот моден препознатлив печат“, вели Масин.

DSC_5293_1

Сите оние кои оваа сезона сакаат да се издвојат по нешто вистински посебно и различно од се друго, чифт од овие фармерки можат да набават во „Концепт 37“ (ул. Рузвелтова 37), во „Макџинс“ (т.ц Зебра) и во бутикот „Мелита“.

Објавено:
27 декември 2014
Категорија: 
Култура