На одмор не заминувам без насмевка

22 август 2017

Оваа сезона одлучивме и нас и нашите соговорници да ги вратиме малку наназад, во едни побезгрижни времиња Сигурни сме дека повеќето од вас се сеќаваат и пополнувале лексикони во детството.

Следната страница од летниот лексикон на Fashionel.mk, го пополни харфистката Мерсиха Шукри.

фото: приватна архива

За нејзиниот прв одмор, првата летна љубов, што кога ќе се расипе клима на +40, како и кога се зацрвенува, ќе прочитате во продолжение. Секако, ќе видите и дел од нејзините ретро летни фотографии и оние од последниот одмор.

Уживајте!

Сте пополнувале ли некогаш лексикон?

-Да, во еден период на детството тоа беше актуелно, посебно кај девојчињата

Прва асоцијација за лето...

-Големо синило, мирис на море, празен град, егзотични патувања, чувство на безгрижен лет, бескрајна чиста љубов, детска игра во маалата...

Прв летен одмор без родители...

-Одморалиштето во скопско село Љубанци, чинам второ или трето одделение.

првиот одмор во Дојран, на само шест месеци; фото: приватна архива

Кои Ви беа омилени активности како дете за време на летниот распуст...

-Читање книги, возење велосипед, одење на базен, вежбање клавир, посета на роднини кои не живеат во Скопје. Гледајќи ја мајка ми во кујната, ги откривав тајните на готвењето, посебно на некои стари и ретки јадења.

Предлог книга за на плажа...

-“Четириесет правила на љубовта“ од Елиф Шафак. Книга во која паралелно се преплетуваат две приказни- едната современа , а другата историска. Преплет на Истокот и Западот, минатото и сегашноста, каде универзалната љубов секогаш го наоѓа своето место.

Ова лето слушам (омилена музика, летен хит...)...

-Актуелните летни хитови само ги проследувам, но не ми се омилени. Повеќе акцент дадов на некои дела за харфа кои сакам да ги свирам во наредниот период. Но најмногу простор отстапив на тишината која ја разбрануваат морските бранови. Не постои поубава музика за медитација.

фото: приватна архива

Ова лето гледам (предлог филм, филмски маратон)...

-Освен два-три филма кои инцидентно ги гледав, не се врзувам за ТВ или компјутер. Отсуството ме спречи да проследам нешто од летните филмски фестивали кај нас.

Омилен летен настан, фестивал, културно случување...

-Летото го поврзувам и со фестивалите „Скопско лето“ и „Охридско лето“. Безброј убави културни настани за сечиј вкус. Би го издвоила концертот на џез квартетот 4Play за отварањето на Охридско лето. Како учесник на овој концерт, беше чест и привилегија да се настапи со овие врвни и светски познати музичари.

фото: приватна архива

Што е за Вас знак дека стасало летото?

-Вжештениот градски афалт кој го испразнил градот, шарените стапала кои зависно од летните обувки добиле боја од сонцето, насмевката кај луѓето кои го планираат летниот одмор, веселите и смели бои на гардеробата

Што ако се расипе клима на +40?

-Не сум многу љубител на клима уредите, затоа промајата е секогаш присутна :)

Во кои ситуации се вцрвенувате?

-Многу често се вцрвенувам - кога ќе добијам комплимент, кога на концерт ќе се внесам во свирењето, од љубов, среќа, но знам и од туѓа безобразност, ароганција, отсуство на срам, па дури и од лутина и нервоза.

фото: приватна архива

Што најмногу Ве иритира на плажа?

-Некултурата кај луѓето, невниманието на хигиената посебно околу храната и непочитувањето на туѓата приватност.

На/За што размислувате додека лежите на плажа?

-Најчесто се трудам да не размислувам и да се препуштам на морските звуци и ветрот ако го има. Да се доведам до медитативна состојба која најчесто преминува во заспивање :) Но, понекогаш, ако прелета која мисла, тогаш е поврзана со организација за посета на некое историско или туристичко место кое е во близина.

Се сеќавате ли на првата летна љубов?

Да, чиста и искрена детска љубов на синиот Јадран.

Без што не заминувате на летен одмор?

-Без масло за сончање, книга, насмевка, широко отворени  и позитивни вибрации без авантуристичкиот дух.

Објавено:
22 август 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
363 пати