Направете празнична магија во домот

26 декември 2014

Речиси да нема некој што не им се радува на празничните денови. Токму тогаш сите повеќе внимание посветуваме на уредувањето на домот, на свечената празнична атмосфера. Ако сè уште не сте го украсиле домот комплетно, или пак ви недостасува идеја плус, прочитајте го текстот во продолжение и направите магија во просторот каде што живеете.

Влезот на домот

Венец од борови гранчиња на влезната врата е сосема доволен и атрактивен празничен украс за ова место. Можете да го купите готов, или пак сами да го направите. Ако се одлучите за втората варијанта, ќе ви биде потребен сунѓер во облик на круг, кој можете да го купите во специјализирани продавници, потоа зимзелени гранчиња, или голи гранки, зависи каков сакате да биде, новогодишни украси, жица што лесно се обликува и украсна лента. Совет:  сунѓерот наводенете го, за да можете полесно да ги ставите гранчињата...

Елка

Ако се соочувате со мал простор, тогаш украсувањето и сместувањето на елката за вас е предизвик. Некогаш најсреќно решение е да изберете дрвце со соодветна големина, а некогаш наместо дрво, употребете само гранчиња... Исто така, и обликот на новогодишното дрво е важен, да биде прилагодено на просторијата. Но, важно е да се забавувате и играте.

Ако се одлучите за помало дрвце , можете да го ставите до прозорец, на масичка, комода и слично. Садот во кој ќе го ставите одберете го спрема стилот на вашиот ентериер. Ако имате рустично уреден стан, тогаш дрвена кутија е идеална, доколку пак имате минималистички, керамиката може да биде еден од изборите.

Бои

Идеално новогодишно украсување е во една до две бои. Но, доколку сте од оние што сакаат да заборават на правилата кога е празничниот декор во прашање, можат да му се препуштат на шаренилото, но внимателно. Границата со кичот некогаш е премногу тенка.

Белата боја е секогаш популарна во опремувањето на ентериерот генерално, а и кога се празничните трендови во прашање. Белите украси, ламби се свечени и идеални за модерни минималистички ентериери, затоа што бараат гламурозни декорации што би доминирале со просторот. Минималистичкиот дизајн бара декорации што ќе се стопат со постоечкото уредување и складно да придонесе за свечената атмосфера.

Освен белата, можете да се одлучите и за други еднобојни комбинации – црвена, сина, зелена, сребрена или златна, портокалова, виолетова... Со сите овие бои ќе добиете елегантно украсен простор, особено имајќи предвид дека со еднобојни декорации не можете да згрешите. Сè што треба да направите е да ја ускладите новогодишната боја со постоечките бои во ентериерот. Ако се одлучите за комбинација, тогаш црно-белата се секогаш ефектна декорација на празничната маса. Црвената ефектно се надополнува со сребрена и златна и внесува нота на гламур, како и сребрено-тегет, златно-портокалова, сребрено-виолетова...

Празнична маса

Ако се одлучите за класичен изглед, тогаш чаршаф во снежно бела боја е најдобар избор. Деталите можат да бидат сребрени, како долгите свеќници, или салфетите...  Доколку сакате традиционално и елегантно, може да направите бојата на чаршафот, надчаршафот да се во боите на украсите на елката. На пример зелен чаршав со златен надчаршаф.

Или пак, ако во украсувањето доминира црвената боја, црвените салфетки можете да ги врзете со карирани панделки.

Ако сакате нешто поинаку, можете да се обидете и со чаршав во црна боја, па да постелите сребрени или златни конфети, со што ќе постигнете луксузен изглед.

За оние што сакаат да го постигнат ефектот на топлина и домашна атмосфера, чаршафот во беж боја, со салфетки во боја на чоколадо, со стапчиња цимет врзани со златна или портокалова панделка е идеална комбинација.

На средината на масата можете да ставите стаклена чинија со украси или овошје... Или пак, со мини елка, доколку немате една голема.

Подароците можете да ги сервирате на тањирите за десерт, како изненадување на вечерта, ако не се премногу големи, секако. Можете да ги завиткате во ткаенина или хартија која е во склад со декорацијата на масата или пак во некоја контрастна боја и со панделка врзете ја картичката со порака за најубави желби во Новата година.

Ослободете ја сета своја креативност и уживајте во празничниот дом со вашите најблиски.

* Elena Luka Home ви посакува успешна година, исполнета со многу љубов, топлина. Нека новогодишната магија ви потрае во текот на целата следна година. А сите вас што ве очекува потрага по ново живеалиште, не заборавајте : Домот е таму каде што е ви е срцето! Среќна 2015 година!

Објавено:
26 декември 2014
Категорија: 
Култура