Нов спот на Дани за „Ќе ме сакаш ли“ – енергична музичка приказна и моќни сценски костими на ЕЛЕНА ЛУКА

24 јануари 2024

Кога ќе се поврзат убави енергии и талентирани уметници, производот е фантастичен.

Денеска Дани го објави новиот видео запис за „Ќе ме сакаш ли", одлична нумера со рокерски темперамент во која од моден аспект, костимите на ЕЛЕНА ЛУКА даваат совршен и моќен визуелен печат.

„Нашата ментална опсесивност да го загарантираме и она што е невозможно да се гарантира е поривот за оваа песна. Љубовта се живее, не се планира, а најмалку се гарантира. Љуби, живеј!", вели Дани.

Долгогодишната соработка помеѓу Дани и ЕЛЕНА ЛУКА, е резултат на взаемна доверба со секогаш успешни заеднички проекти.

„Костимите во спотот како еден автентичен концептуален израз се дело на мојата ЕЛЕНА ЛУКА со која имаме интензивна и успешна соработа, која континуирано си прогресира. Сите костими, сите идеи и целото сценарио за тоа како треба да изгледам се на ЕЛЕНА ЛУКА, а јас сум пресреќна што постојат како бренд бидејќи навистина знаат да ме смират од еден аспект кој вели: не се грижи за ништо, ќе биде се океј! Јас се надевам дека оваа соработка ќе трае и трае, бидејќи вистински ме погодува како сензибилитет, имиџ, како израз. Кога сето тоа ќе се склопи и ќе се создаде една фина синергија, успехот е неизбежен" изјави Дани за Fashionel.

ЕЛЕНА ЛУКА е бренд препознатлив по својата врвна уметност, меѓу другото и кога се работи за сценски костими.

„Сценската костимографија е еден аспект од работата на ЕЛЕНА ЛУКА кој ни дозволува артистичната визија да ја донесеме на највисоко ниво. А најновата соработка со Дани за видео спотот за „Ќе ме сакаш ли" тоa и го покажува на дело. Направивме исклучителни костими кои што даваат силен визуелен печат на целата приказна. Акцентот е на уметничкиот дизајнерски израз, прилагоден на сензибилитетот на Дани и на естетиката на видео записот, бидејќи поентата е да заокружиме една компактна целина. Визијата беше да креираме моќни и енергични костими што ќе го следат темпераментниот ритам на „Ќе ме сакаш ли", а реализацијата ја гледате на дело. Секогаш е задоволство да се соработува со професионалец како Дани, ја имаме комплетната нејзина доверба со години и затоа секоја наша заедничка соработка е успешна", изјави Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА.

„Ќе ме сакаш ли?" е симпатичен приказ на човечката опсесивна потреба за сигурност, барањето гаранција од друг човек за вечна љубов.

Композитор и текстописец на песната е Весна Малинова, а аранжманот е на Јордан Манов.
Музичкиот спот за „Ќе ме сакаш ли" од денес е достапен на Јутјуб, а аудио записот и англската везија се поставени на сите музички платформи.

Режијата на спотот е на Марио Станковиќ, а Ени Вучидолова е асистент режисер. Спотот е во продукција на 2by4Digital.

Дани Димитровска е една од ретките женски рок артисти во нашата земја, доследна на својот звук веќе 25та година. Очекуваме концертно заокружување на 25ката, а дотогаш ви ги пренесуваме нејзините актуелни музички дејства.

 

Објавено:
24 јануари 2024
Категорија: 
Култура