Нов албум на Каролина заедно со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски

26 мај 2021

„Авалон продукција“ на своите официјални профили на социјалните мрежи вчера вечер објави информација која ги израдува љубителите на музиката, а посебно почитувачите на работата на Каролина Гочева.

Имено, се работи за најава на нов албум на пејачката во соработка со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски.

фото: Стефан Рајхл/Авалон продукција

„Конечно, после бројни заеднички настапи и соработки, задоволство ни е да го најавиме новиот албум на Каролина во соработка со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски, на кој се застапени единаесет песни - преработки на едни од најубавите, подзаборавени композиции, чии оригинални автори се најмаркантните и најзначајни имиња во македонската забавна и џез музика: Драган Ѓаконовски- Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев и др.“, велат од продукцијата.

Својата радост и задоволство од новиот проект ја сподели и Каролина:

„Многу се радувам што конечно можам да Ви го најавам мојот нов албум - проект на кој заедно со Дуке и Исмаил го работевме скоро две години. Албумот го снимивме на почетокот на оваа година, во јануари, додека идејата за истиот се роди уште во 2016та, после нашиот прв заеднички настап, на еден концерт на Дуке. 

За неколку дена ќе може да го слушнете првиот сингл ,,Идила", додека целиот албум ќе биде достапен наесен. Секако дека планираме и нестрпливо го чекаме денот кога со вас ќе се дружиме и во живо, што ќе се случи во прва прилика штом ќе може да се работи онака како што се работеше до пред појавата на пандемијата. Се надевам дека ќе уживате во овој проект толку колку што и ние уживавме во целиот процес на неговото создавање“, напиша пејачката.

Од продукцијата велат дека внимателно се работело на концептот на албумот, на бирање на композициите и создавањето нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде „нов живот“ на некои од најубавите ппесни на домашната забавна музика во комплетно нови аранжмани.

„Генијалноста на Дуке која се проткајува аранжмански низ сите единаесет нумери преку композицискиот јазик и пијаното, совршениот вокал на Каролина и импровизациската моќ низ кларинетот на Исмаил, се идеална комбинација за уште едно одлично издание кое веруваме дека ќе предизвика огромен интерес кај сите љубители на овој жанр, но и за пошироката публика. Албумот се снимаше во јануари годинава во Македонската филхармонија“, посочуваат од „Авалон“.

Во продолжение најава од спотот за песната „Идила“, чиј автор е  Драган Ѓаконовски Шпато, кој во целост ќе биде објавен деновиве и кој со нетрпение го очекуваме:

 

Објавено:
26 мај 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
908 пати