Од 15. до 17. јули ќе ечат тапаните на „Галичка свадба“

12 јули 2022

Чинот во кој се соединуваат две души секогаш побудува милост, веселба и желба за благодат, а во Македонија речиси неизбежно мора да биде проследен со големо славје. Па така, еден од најубавите културни настани што ја обележуваат богатата македонска традиција е токму еден ваков настан – Галичката свадба.

Свадбите во ова село традиционално се одржувале на Петровден (12 јули). Поради желбата на галичаните да ги зачуваат од заборав овие карактеристични обичаи, почнувајќи од 1963 година, секоја година на Петровден се одржува манифестација во селото Галичник, во која со оригиналните свадбарски обичаи и ритуали се венчаваат невестата и младоженецот. Секоја година се бира еден пар, кој достоинствено и гордо станува дел од оваа прочуена свадба.

За време на церемонијата планините одекнуваат од ударот на тапаните и од писокот на зурлите, се пеат изворни песни и се играат познати ора, меѓу кои и најубавото македонско оро – Тешкото. Убавината на свадбата ја дополнуваат и традиционалните носии на младоженецот и на свадбарите, како и прочуената и познатата галичка носија на невестата, изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите. Овие носии најчесто се оставени во наследство.

Годинава, „Галичката свадба" ќе има малку поместен датум, а поради неодржувањето на претходните години, ќе се венчаат повеќе парови.

Од 15 до 17 јули во живописниот Галичник, на падините на планината Бистра, ќе се одржи 48. издание на автентичната културно-сценска манифестација „Галичка свадба". За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска, а карактеристично за годинешната манифестација е што покрај нив, во црквата „Свети Апостол Павле" во ист ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „да" во Галичник на 28 август.

Програмата на годинешната Галичка свадба започнува на 15 јули вечерта, со јубилеен концерт посветен на великанот на народната песна Александар Сариевски, кој родум е токму од Галичник, а годинава се навршуваат 100 години од неговото раѓање и 20 години од неговата смрт.

Инаку, годинешниот галички зет Илчо Димитров во текот на свеченостите ќе ја носи личната народна носија на легендарниот Александар Сариевски.

Свадбените активности, пак, традиционално ќе почнат в сабота, 16 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки" од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени свадбарските ритуали – „пречек на топаните", свекрвата ќе го одигра свекрвиното оро. Свадбата нема да помине без „Тешкото" и „Невестинското".
Кој присуствувал знае каков единствен настан е ова, полн со традиција и емоции. Кој не бил, нека го стави на листата нешто што вреди да се видат.

Фото извор: Национален парк Маврово

 

Објавено:
12 јули 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
307 пати