Вокално-инструментален концерт на „Танец“ во чест на 100-годишнината од раѓањето на Александар Сариевски

16 септември 2022

Вчеравечер во Македонската Опера и балет се одржа голем концерт насловен како „Славејот од Галичник" на ансамблот Танец и пријателите во чест на 100-годишнината од раѓањето на доајенот на македонската народна песна Александар Сариевски.

Фото: Facebook | Stevo Pendarovski

Во рамките на емотивниот концерт Сузана Спасовска и Влатко Стефановски ја изведоа безвеременската „Зајди зајди", а покрај нив настапија и бројни звучни имиња од сцената на македонската народна музика, како Наум Петрески, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Кирил Митоски, Далибор Ѓошиќ, кои заедно оживеаја голем број македонски фолклорни музички бисери, вклучително и „Абер дојде, Донке", „Учи ме мајко, карај ме", „Филизој моме", „Нарочува бело Менде, порочува", „Саноќ ми булбул пропеа", „Сулејман седит на кула", „Те кажувает, бре, Илиној моме", „Нит прела гора, нит ткала", „Ор, невесто, Стојанице", „Седна баба да вечера една еребица„, „Дејгиди, луди, млади години", „Сношти го видов убавото Стојне" и многу други.

Фото: Facebook | Stevo Pendarovski

Фото: Facebook | Stevo Pendarovski

Фото: Facebook | Stevo Pendarovski

Внуците на Сариевски ја примија благодарницата од Бранка Костиќ-Марковиќ, музички новинар, етномузиколог и уметнички раководител во НУ „Танец", а концертот заврши со емотивна изведба на „Дејгиди, луди, млади години".

Со својот богат авторски и изведувачки опус, Александар Сариевски зазема значајно место во македонска културна историја и народна музика. За време на своето шестдецениско творештво, Сариевски создаде повеќе од 400 звучни записи за продукцијата на Македонската Радио и Телевизија, но и за други познати дискографски куќи. Александар Сариевски е исто така и еден од основачите на ансамблот „Танец", дел од неговата прва генерација и тапанџија на „Тешкото".

Фото: Facebook | Stevo Pendarovski

Овој вокално-инструментален спектакл го слави автентичниот и богат музички фолклор на кој Македонија е горда.

Објавено:
16 септември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
274 пати