„Оскарите 2016“ во знакот на Леонардо Дикаприо и расизмот

29 февруари 2016

Во „Долби“ театарот во Лос Анџелес вчеравечер се одржа 88-то издание на најочекуваната филмска манифестација – „Оскарите“.

Кога се наградените во прашање, несомнено дека сето внимание го привлече Леонардо Дикаприо, кој го доби оскарот за најдобра главна машка улога.

-Благодарам на сите. Ѝ благодарам на Академијата, на сите во салата, честитки и на останатите номинирани актери за одличните изведби. „The Revenant“ е производ на неуморниот напор на неверојатната екипа со која соработував. Прво на Том Харди. Том, твојот талент на екранот може да го надмине само твоето пријателство надвор од него... Ти благодарам на неверојатното филмско искуство. Им благодарам на сите во „Fox“ и компанијата “New Regency“..., целиот мој тим. Им благодарам на сите кои на било кој начин учествувале во снимањето на филмот, како и на моите родители. Ништо од ова не би било можно без вас. И моите пријатели, ве сакам многу, знаете кои сте. И конечно, сакам да го кажам и ова: Снимањето на „The Revenant“ беше за човековата врска со природата. За светот во кој во 2015 беше прогласен за најтоплата година во историјата. Во текот на снимањето постојано моравме да се движиме кон југот, за да најдеме снег. Климатските промени се реални и се случуваат токму сега. Се работи за најитната закана која лебди над целото човештво и мораме да почнеме заедно да работиме на тоа. Да престанеме да одолговлекуваме за доброто на оние што ќе бидат најмногу погодени од последиците. За децата на нашите деца и сите оние луѓе чии гласови ќе ги уништи политиката и алчноста. Не сфаќајте ја оваа планета површно и „здраво за готово“. Јас оваа вечер не ја сфаќам така. Ви благодарам многу на сите – рече Лео, кој на црвениот килим се појави во друштво на Кејт Винслет.

За најдобар филм е прогласен „Spotlight“, драмата која во фокус го става скандалот со католичката црква за злоставување на деца, што го истражува редакцијата на весникот „The Boston Globe“.

-Овој филм го посветивме на сите новинари кои постапувале и продолжуваат да постапуваат одговорно, како и на жртвите чија храброст и волја да ги надминат потешкотиите се навистина инспиративни – изјави режисерот на остварувањето, Том Мекарти.

Мекарти и Сингер

На ова се надоврза и продуцентот Мајкл Шугар.

Овој филм им даде шанса на жртвите да ја раскажат својата приказна, а Оскарот го засилува тој глас, за кој се надеваме дека ќе стане хор кој ќе одекне сè до Ватикан. Порака до папата, време е да се заштитат децата и да се врати верата.

Оскарот за најдобра режија очекувано отиде во рацете на Алехандро Гонзалес Ињариту, за „The Revenant“, филм кој беше номиниран дури во 12 категории (најдобар филм, режија, главна машка улога, споредна машка улога, фотографија, сценографија, монтажа, звук, монтажа на звук, визуелни ефекти, костим и шминка).

Ињариту минатата година исто така освои Оскар и тоа за филмот „Birdman“, кој беше прогласен за најдобро филмско остварување, а ги доби оскарите и за најдобра режија, оригинално сценарио и камера.

Ињариту

-Не можам да поверувам дека се случува ова. Восхитувачки е да се прими оваа награда вечерва, но уште подраго ми е да ја поделам со сите талентирани и „луди“ членови на филмската екипа и колегите ширум континентот, кои овозможија мојата замисла да се спроведе во дело. Постои една реченица во филмот, кога Глас му се обраќа на синот: „Не те слушаат, само ја гледаат бојата на твојата кожа“, така што ова е одлична шанса нашата генерација да се ослободи од сите предрасуди и примитивното размислување и еднаш засекогаш да се потруди бојата на кожата да стане неважна, исто колку што е неважна должината на нечија коса – порача режисерот.

Инаку, за потсетување, оваа година неколку актери ја бојкотираа манифестацијата. На тој начин тие го изразија своето незадоволство што оваа година меѓу номинираните нема ниту еден Афроамериканец, што беше случај и претходната.

Токму затоа расизмот беше тема што ја одбележа вечерта, а Крис Рок се обиде да се пошегува на таа сметка, но прашање е колку успешно го направи тоа. И покрај „шеговитата страна“, Рок на самиот старт на манифестацијата упати монолог со кој побара еднаквост помеѓу „белите“ и „црни“ актери, што многу од познатите личности го поздравија со големо одобрување, коментирајќи дека е еден од најдобрите кажани на Оскарите.

-Дали е Холивуд расистички расположен?... секако дека е! Ова е 88-мо издание, што значи дека оваа работа околу изоставувањето на „црните номинации“ се случила најмалку уште 71 пат – рече 51-годишниот водител.

Бри Ларсон

Меѓу останатите „бели“ наградени е и Бри Ларсон, која го доби оскарот за најдобра женска улога за филмот „Room“. Алисија Викандер го доби Оскарот (прва номинација и прва награда) за најдобра споредна женска улога во остварувањето „The Danish Girl“.

Кај мажите пак, наградата за најдобра машка споредна улога отиде кај Марк Рајленс за „Bridge of Spies“. Но, разочарувањето на Силвестер Сталоне, кој беше номиниран во истата категорија за „Creed“, е едно од нештата за денеска се зборува на големо, како и видеото на Арнолд Шварценегер, на социјалните мрежи, кој на тој начин му ја оддаде својата поддршка:

Силвестер Сталоне

-Ти си за мене најдобар, без разлика што зборуваат тие – му порача Шварценегер на пријателот.

 

 

@officialslystallone To me, you're the best, no matter what they say.

A video posted by Arnold Schwarzenegger (@schwarzenegger) onFeb 28, 2016 at 7:45pm PST

Најголемо изненадување на вечерта беше „Mad Max: Fury Road“, кој е апсолутен победник во категориите за најдобра костимографија, шминка, продукција, монтажа на звук и микс на звук.

Најдобро адаптирано сценарио има „ The Big Short“ (Чарлс Рендолф и Адам Мекеј), додека оскарот за најдобро оригинално сценарио го добија Џош Сингер и Том Мекарти за „Spotlight“.

Оскарот за најдобра оригинална песна очекувано ѝ припадна на композицијата „Writings on the wall“ од филмот „Spectra“, во интрпретација на Сем Смит. Документарниот филм „Amy“, за Ејми Вајнхаус е победник во категоријата за најдобар долгометражен документарен филм.

Сем Смит

Победниците во останатите категории може да ги видите тука.

За музичкиот дел на манифестацијата се погрижија Лејди Гага, The Weeknd и Сем Смит, што се покажа како одличен избор.

Инаку, Гага беше претставена од заменик претседателот Џо Бајден, кој во свое и во име на претседателот Обама порача дека работите мора да се менуваат и дека не треба да се молчи за работи што можат да бидат поинакви:

-Ние мораме и ние можеме да ја смениме културата, така што злоставуваниte жени или жени нема да мораат да се запрашаат: „Што направив?“, што беше поздравено со овации.

 

 

Во продолжение погледнете дел од највпечатливите моменти од вчерашната манифестација на сцената, а и зад неа:

 

Објавено:
29 февруари 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.667 пати