Очите на светската јавноста вчеравечер беа вперени во Лос Анџелес, каде се одржа 73-тото издание на „Златен глобус“, со што всушност и започнува сезоната на филмски награди.

Кога е црвениот килим во прашање, доминираа креации во боја. Една од највпечатливите секако беше Џенифер Лопез, која носеше окер креација на Џамбатиста Вали и накит од 200-каратни дијаманти. Михаела Ваткинс го привлече вниманието со интензивно виолетова креација, а меѓу похрабрите и впечатливи беше и Кејт Босфорт со цветна, светкава креација на „Долче и Габана“

Меѓу најдобро облечените според модните критичари е и Џенифер Лоренс, која се одлучи за црвена тоалета секако со потпис на „Диор“, а и Алиша Викандер во белата креација на „Луј Витон“ сосема блесна на црвениот килим.

Црвената боја беше избор и на Зендаја, Оливија Вајлд, Еми Росум, Фелисити Хафман.

За сина комбинација се одлучија Кејт Винслет (Ралф Лорен), Џулијан Мур (Том Форд), Брус Далас (Џени Пекам), Калиста Флокхарт.

Меѓу оние што одеа на сигурно беа и Лејди Гага и Хелен Мирен, кои носеа тоалети во црна боја.

Вниманието го привлече и Џина Родригез во креација на „Зак Посен“, која беше предводник на оние што се одлучија за широки тоалети, меѓу кои беа и Ејми Шумер, Ана де ла Ругера, Емилија Кларк, Џејми Александер, Џена Деван Татум.

Кејт Хадсон се одлучи за топ и долго здолниште, а трендот со отворени делови го следеше и Џулијана Ренцик.

Џулијана Ренцик

Имаше и такви што не нè воодушевија, а меѓу нив беше и Руни Мара со креација на модната куќа „Александар Меквин“, Кети Пери, Америка Ферера...

За тоа како изгледаа познатите на црвениот килим погледнете во галеријата погоре, а ние се префрлуваме на наградените.

Како што и беше очекувано, меѓу наградените триумфираше несудениот оскаровец, Леонардо Дикаприо, кого изгледа конечно тоа ќе му тргне од рака, и секако филмот The Revenant. Леонардо ја прими наградата за најдобра машка улога, Алехандар Инјариту за најдобра режија, додека остварувањето беше наградено и во категоријата за најдобра драма.

Инаку, ова му е трет „Златен глобус“ на Дикаприо. Претходно го освои за улогите во „Волкот од Вол Стрит“ и „Авијатичар“.

Мет Дејмон ја освои наградата за најдобра машка улога во комедија за улогата во Martian,што беше прогласена и за најдобра во категоријата комедија/мјузикл. Што се однесува до актерот, тој својот прв „Златен глобус“ пред осумнаесет години за филмот „Добриот Вил Хантинг“.

Кога се актерките во прашање, вниманието беше насочено кон Џенифер Лоренс, која ја доби наградата за најдобра актерка во комедија и тоа во остварувањето Joy. Наградата за најдобра женска улога во драма ѝ припадна на Бри Ларсон за филмот Room.

Иако и остварувањето Spotlight беше еден од фаворитите, не успеа да освои ниту едно признание, како и филмот Carol, за разлика од остварувањето Steve Jobs, кој освои два – за најдобро сценарио (Арон Соркин) и најдобра женска споредна улога (Кејт Винслет).

Со награда си замина и легендарниот Стилвестер Сталоне, за најдобра машка споредна улога во филмот Creed, за враќањето на Роки Балбоа, 29 години после првиот филм за славниот боксер.

Најдобар анимиран филм е Inside Out, а најдобар странски филм е унгарскиот Son of Saul.

Италијанскиот композитор Енио Мориконе го доби третиот „Златен глобус“ за филмот на Квентин Тарантино The Hateful Eight, додека Сем Смит ја доби наградата за оригинална песна за Writing’s on the Wall, за најновото остварување за Џејмс Бонд.

Кога се телевизиските остварувања во прашање, најдобра серија драма  е Mr. Robot,  а најдобра комедија Mozart in the Jungle.

Меѓу добитниците на годинешното издание на „Златен глобус“ е и Лејди Гага, за улогата во последната сезона на серијата „American Horor Story:Hotel”.

Комплетната листа на добитници можете да ја погледнете тука.

Објавено:
11 јануари 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.725 пати