Последен поздрав: Почина познатиот бизнисмен и сопственик на градежната компанија „Жикол“ г-ин Живко Пандев

1 март 2022

Во раните утрински часови, денеска почина познатиот македонски бизнисмен, сопственик на градежната компанија „Жикол" и голем филантроп, г-ин Живко Пандев.

„Со длабока и неизмерна тага ве известуваме дека во раните утрински часови нѐ напушти почитуваниот основач и сопственик на градежната компанија „Жикол", г-от Живко Пандев. Долгогодишен успешен градежник, голем филантроп, сакан сопруг, татко, дедо и пријател за пример. Преку неговите дела, преку неговата беспрекорна работа низ децениите и преку хуманата и добра мисија на која безусловно ѝ беше посветен, ќе живее вечно. Луѓе со таква човечка големина остануваат во вечноста. Горди сме на традицијата која ја создаде и чест ни е што сме дел од неговото големо семејство. Нека му е светол патот и нека почива во мир", веста на социјалните мрежи ја објави неговата ќерка Елена Пандева.

 

Живко Пандев е роден на 06.05.1947 година во Струмица. За неговата богата кариера во градежништвото сведочат значајни интернационални дела за кои добивал престижни признанија и награди, како домашни така и интернационални. Неговата успешна работа како градежник била препознаена и во Русија каде бил раководител на бројни градежни комплекси. Огромното професионално искуство што го стекнал било мотив во 1987 година да ја основа својата градежна компанија „Жикол" која денеска, после повеќе од три децении успешна работа, пишува историја.

Важеше за голем филантроп и хуманист, кој својата добра и хумана мисија ја изведувал тивко, далеку од очите на јавноста.

Посмртните останки ќе бидат изложени утре (среда) во Капелата во Струмица во 11 часот, а во 13 часот ќе биде испратен до неговото вечно почивалиште.

Објавено:
1 март 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
3.192 пати