Кафе книжарницата „Три“ беше местото каде денеска се случи промоцијата на новата книга на Игор Џамбазов наречена „Умрен човек“.
Сосема очекувано, таму се собраа неговите најголеми обожаватели кои имаа можност претпромотивно да ги набават првите 50 примероци од книгата.
Во пријатната атмосфера во книжарницата, тој разговараше со сите присутни кои побараа посвета на книгите од нивниот идол заедно со задолжителната фотографија.
На прашањето зошто треба луѓето да ја купат неговата нова книга, тој ќе каже:
„Затоа што ќе прочитаат нешто многу необично, барем кога станува збор за мојот вкус. Ќе прочитаат фикција со вистински луѓе, на вистински места. Ќе прочитаат нешто за што не се знае дали е сон, дали е јаве, дали е резултат на анестезија, дали е кома... Приказната што е внатре е всушност едно мое искуство, едно патување до тунелот и назад само што јас малку и понатаму отидов од тунелот, дури и влегов горе малку. Таа моја средба горе, со тие познати луѓе, актери, музичари итн. , веројатно е тоа што им се допаѓа на луѓето и можам да кажам дека ова е најнеобичната и најчудната книга досега“, вели Игор за Fashionel.
Веќе во вторник, 12 април, на првиот ден на Саемот на книга, сите оние кои денеска не успеаја да бидат дел од промоцијата, ќе можат да се дружат со Игор на штандот на кафе – книжарница „Три“ во 18 часот и да си го набават својот примерок од книгата.
Инаку, како што вели Џамбазов, ова е најчудната и најнеобичната книга што тој ја напишал, за која му било потребно време да се осами и добро да ја состави, начин на кој што впрочем ги напишал и останатите.
Во моментов, тој заедно со Весна Петрушевска работи на претставата „Брачна игра“ чија премиера се очекува многу наскоро.
Погледнете каква беше атмосферата од денешната промоција.