Игор Џамбазов: И ментално и физички сум добро облечен!

16 декември 2014

Кафулето Форца вчеравечер беше претесно да ги собере сите обожаватели на единствениот Игор Џамбазов кој токму таму ја промовираше неговата нова книга „Облечен човек“.

Како што и самиот посочи, она што особено фасцинираше е тоа што имаше многу млади луѓе кои чекаа во ред за нивниот идол да им се потпише на неговото ново дело.

На вчерашната промоција големиот шоумен и писател се појави во целосен стајлинг на модната куќа Елена Лука, со што се најави една сосема нова и убава соработка што ќе трае.

„И паднало жал на Елена, па ме најде и oд Елена Лука ми подготвија неколку убави комбинации за да не сум одел несреден! Шегата на страна, јас навистина се чувствувам убаво како облечен човек, и ментално и физички сум добро облечен. Од модната куќа ми направија неколку комбинации за моите промоции и појавувања на ТВ од кои сум многу задоволен и последниве денови можете да ме видите само во тоа што тие ми го одбраа“, изјави Игор за новата соработка со модната куќа Елена Лука.

Книгата „Облечен човек“ тој ја опишува како едно неверојатно интересно четиво, полно со пикантерии, хумор, забавни ситуации и настани, но и интриги што дефинитивно ќе го задржат вниманието на секој читател.

„Тешко е да се облече соблечениот и при тоа задолжително мора да се внимава за да не се повредат нечии чувства, затоа што ако правиш радикални промени од црно на бело, од облечен во соблечен, може и да се случи некоја колатерална штета. Токму затоа, сите женски личности ги споменувам со псевдоним, за да не им го загорчам животот. Во оваа книга всушност нема ништо лошо за ниту една жена, едноставно затоа што знам на што се подготвени мажите во случај нивната жена да ја има во некоја книга“, вели Игор.

На прашањето дали можеби намерно изоставил некоја случка од животот или пак „изумил“ да спомене некој лик, тој вели:

„Намерно ништо не заборавам, едноставно имаше повеќе приказни и настани, но поради таа некоја стандардна форма на моите книги од околу 250/300 страници, мислевме дека ова е доволно. Па зошто да нема Облечен човек 2? Кога може да има Рамбо 2, ќе има и Облечен човек 2! Јас воопшто не се оптоварувам со тоа, имам идеи за некои нови книги, но ако не успеам да се мотивирам себеси, зошто да не, ќе направам продолжение од сето она што ми остана од приказните и на лето може да има уште една“, вели Игор.

На воодушевување на неговите обожаватели, тој посочува дека всушност пишувањето е она со што тој сака да се занимава до крајот на животот, додека сето останато ќе биде за да преживее.

На промоцијата присуствуваше и еден од неговите најдобри пријатели Раде Шербеџија На промоцијата присуствуваше и еден од неговите најдобри пријатели Раде Шербеџија

Тој најави низа промоции низ Скопје во следниот период, па доколку вчера не успеавте да присуствувате на официјалната и да си купите примерок од новата книга, следете го „Облечениот човек“ и задолжително прочитајте го ИТ четивото за оваа студена зима!

Објавено:
16 декември 2014
Категорија: 
Актуел