Рустичен стил за топла атмосфера во домот

12 декември 2014

Покрај минималистичкиот стил на уредување, што ви го презентиравме минатата недела, еден од најраспространетите стилови на уредување е и рустичниот.

Овој стил е едноставен и е карактеристичен по тоа што во него преовладуваат природните материјали – памук, волна, кожа, дрво... Необработените ѕидови, дрвените облоги, груби греди и камен се исто така препознатливи за рустичниот стил.

Всушност, убавината на рустичниот стил е во тоа што создава убава и топла атмосфера, спојувајќи го природното со модерното. Тој е истовремено и груб и топол, со мноштво текстури и едноставност и во изборот на бои.

Со оглед дека зимата и температурно и календарски сè повеќе ни се приближува, во продолжение ќе ви дадеме неколку идеи за тоа како можете да направите домот да има рустичен шарм и топлина што ја посакувате.

Рустичниот стил најдобро се вклопува во ентериери сместени во природа, но ништо помалку не е успешен и во модерните станови.

Една од најважните компоненти на рустичниот стил е употребата на сирови, необработени или грубо обработени природни материјали, во пределот на плафонот односно таванот, столбовите, скалите, ѕидовите, или пак подовите.

Рустично уреден стан не може да се замисли без камин, а идеално изработен камин во овој стил е оној направен од грубо обработен камен, кој на просторот му дава изглед на стабилност и цврстина.

Облиците на рустичните елементи често асоцираат на минато. Тоа најчесто се криви линии, тантела, ситни детали, брави, украси, кои пак во комбинација со други елементи во интензивни бои ќе дадат и модерна нота.

Високите, но и ниски плафони украсени со дрвени греди, односно ламперија се најдобар почеток за рустична соба, но и за рустична бања. Дрвените греди можат да бидат основата на дизајнот и даваат многу можности за креирање на интересни облици во секој простор.

Подовите се најчесто од дрво или од камен. Волнени, ткаени килими со интересни форми и во земјени тонови можат да внесат топлина во просторот на секоја соба.

Боите кои соодветствуваат на рустичниот стил на уредување се најчесто бела, беж, карамел, јоргован, темнозелени нијанси, сончево жолта, кафена. Лесните и светли нијанси го шират просторот, а големите прозорци и светлите парчиња мебел создаваат ведра атмосфера.

Кога е мебелот во прашање, бидете слободни па модерните парчиња комбинирајте ги со рустични. Фокусирајте се на оној мебел што ќе остави печат во просторијата , на пример рустична трпезариска маса.

Дезените на ткаенините, завесите, простирки можат да бидат или еднобојни без шари или со крупни и стини цветчиња, најчесто рози. Со додавање на текстура на ѕидовите и користење на интересни бои или цветни тапети се добиваат интересни ефекти кои му даваат на просторот „старински“ изглед. Она што никако не смеете да го правите при овој стил на уредување е мешање на рустичен стил со метални елементи или со материјали со сјај.

Комбинацијата на живите контрастни бои со неутрални создава модерен изглед на ентериер.

Во ентериерот на домот, рустика може да се внесе и преку детали и украси. Тоа можат да бидат ламби, чинии, шолји или чаши, перничиња, вазни, рамки за фотографии или слики, плетени кошници... Цвеќето е секогаш добредојден украс кога е рустичниот стил во прашање.

* во соработка со Elena Luka Home
Објавено:
12 декември 2014
Категорија: 
Култура