Фестивалот на нов европски филм „Beach Film Festival", годинава ќе го има своето седмо издание од 17 до 21 јули во Охрид. Како што велат од организацијата, годинешното издание ќе понуди филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, односно на плажата Славија, бродот „Армада", плажата Сараиште и Младинскиот Центар Охрид.
Фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на црногорскиот филм „Живи и здрави" (Forever hold your peace) од 2023 година, по сценарио и во режија на Иван Мариновиќ. Во оваа комедија Драгана се откажува од бракот со Момо, два дена пред датумот на венчавката, но неговиот опасно тврдоглав татко форсира таа да се случи. Главните улоги ги толкуваат: Тихана Лазовиќ, Горан Славиќ, Горан Богдан, а настапува и нашиот Никола Ристановски. Музиката е на Тони Китановски.
Во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови, и тоа „Rodeo", „Summer to come", „Afire", „Milk", „Some birds" и „Pelican". Покрај главната програма, на фестивалот ќе има и проекции на 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, односно остварувањата на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов.
Оваа година четиричленото жири, кое се состои од Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете институт), ќе ги додели наградите „Голем бран" за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски-Сидо" за најдобро актерско остварување. Тричленото жири, пак, во состав Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски, ќе ја додели наградата „Мал бран" за најдобар краткометражен филм.
На фестивалот најавени се и настапи на бендовите „Sioto Jazz" и „Xarakiri", диџејките „Baila", диџејот „MarТian" и музичкото дуо „SIZ".