Си замина Вили Вонка...

30 август 2016

Вили Вонка: Но, Чарли, не заборавај што се случи со човекот кој одеднаш доби сѐ што отсекогаш посакуваше.
Чарли: Што се случи?
Вили Вонка: Живееше среќно до крајот на животот.

 

Во текот на вчерашниот ден, светската јавност ја погоди веста за смртта на генијалниот актер Џин Вајлдер, кого веројатно повеќето најмногу го паметат по улогата на Вили Вонка од Чоколадната фабрика.

Како се вели во соопштението од неговото семејство, после две децении борба со Алцхајмеровата болест, Вајлдер почина вчера во својот дом на 83-годишна возраст.

Витканата коса, длабокиот поглед, бескрајно сините очи и неверојатниот талент со кој анксиозноста изгледа смешно, го впишаа во легендите.

Неговите перформанси сочинети од сентименталност, потиснат бес и комедија, честопати варираа од идиотизам до апоплексија.

Роден е на 11 јуни 1933 година како Џереом Силберман. Неговата мајка е со полско потекло, додека татко му е евреј кој мигрира од Русија. Подоцна, Џин за своето детство ќе каже дека било „нормално, но пореметено“, а секогаш бил привлекуван од „можноста да биде некој друг“.

Кога тој има осум години, неговата мајка доживува срцев удар. Зборовите што тогаш нејзиниот доктор му ги упатил на малиот Џин, останале длабоко врежани во неговата глава:

„Никогаш немој да ја лутиш мајка ти, тоа може да ја убие. Но, можеш да ја засмејуваш“.

Со години потоа, Валјдер бил убеден дека било какви груби зборови ќе го скратат животот на мајка му. Подоцна, родителите го праќаат во воено училиште во Холивуд, каде тој е единственото момче евреин, поради што се сеќава дека бил многу малтретиран и неговиот живот во тоа време бил ужасен.

Бргу се вратил дома, каде што почнал да се инволвира во локалниот театар, а својот прв перформанс го имал на 15-годишна возраст, како дел од претставата „Ромео и Јулија“.

Пред да се пресели за Британија каде ќе студира на драма и танц на „Bristol Old Vic Theatre School “, се образува преку курс за театар.

Во 1956 година се приклучува кон армијата на САД, од каде бил пратен во психијатриска болница, да помага во електро-шок терапијата на пациентите. По разрешувањето, му се враќа на актерството и го менува неговото име во Џин Вајлдер. Подоцна ќе каже дека одлуката делумно ја направил бидејќи не можел да замисли Џери Силберман да биде повикан да го игра Хамлет.

Тој исто така, стана отворен критчар на вмешаноста на САД во Виетнам, а подоцна се спротистави на инвазијата на Ирак.

Во 1961 година, добива мала улога и го прави своето деби на Бродвеј во „The Complaisant Lover“. Вистинскиот пробив се случува две години подоцна, кога заедно со Ен Банкрофт е дел од драмата на Брехт, „Мајката Храброст и нејзините деца“, исто така на Бродвеј.

Банкрофт тогаш се забавуваше со Мел Брукс, кој ќе стане и нејзин сопруг, а со кој ќе станат многу добри соработници и пријатели.

Првата филмска улога ја добива во 1967 година, во гагнгстерски филм насловен како „Бони и Клајд“.

Една година подоцна, Брукс го прави кастингот за „The Producers“, а улогата на Вајлдер како невротичен сметководител ќе му ја донесе и првата номинација за „Оскар“ во 1968 година и тоа за најдобар актер.

The Producers

Во 1971 година се случува улогата на Вили Вонка, што ќе му донесе уште поголема светска кариера.

-Оттогаш натаму, знаев дека публиката нема да знае кога лажам, а кога ја кажувам вистината – ќе каже во една пригода актерот.

Во 1972 година се случува соработката со Вуди Ален, во комедијата „Everything you wanted to know about sex (but were afraid to ask), каде Џин е доктор кој ќе се вљуби во овца.

Две години подоцна, повторно се обединува со Брукс во остварувањето „Western Blazing Saddels“, кој исто така станува светски хит. Истата година се случува и филмот „Young Frankenstein“ кој и нему и на Брукс ќе им донесе уште една номинација за „Оскар“, овој пат за најдобро сценарио.

Уште една генијална комедија е онаа „Silver Strak“ во 1976 и „Stir Crazy“ во 1980-тата каде друштво во главната улога му прави Ричард Прајор.

-Имам афинитет кон луѓе што имале тешки денови во нивните животи – ќе каже во една пригода.

Кога болеста на Прајор ќе го спречи да се појави повторно со Вајлдер во „Hanky Panky“ во 1982 година, улогата е повторно напишана за Џилда Раднер, која станува и третата жена на Џин. Но, умира од рак на јајници во 1989 година. Сепак, за нивната голема љубов се зборува и години подоцна.

Смртта на сопругата, на која ракот ѝ е дијагностициран 10 месеци пред смртта, го погодува силно актерот, кој во наредните пет години ќе помогне на уште стотици други Џилди да се борат со болеста.

Во 1990 година во Лос Анџелес основа центар за дијагноза на канцер што го носи нејзиното име, а отиде и на Конгрес да зборува за раните медицински тестови на кои жените треба да одат за да го намалат ризикот од болеста. Низ цела Америка се проширија клубови што го носеа името на Џилда.

Во 1991 година, Вајлдер се жени повторно, а потоа и се враќа и на глумата. Две години ќе биде дел од „Ен-Би-Си“ програмската шема со ситкомот „Something Wilder“, а во 1996 година го има своето деби на лондонската сцена во „Laughter od the 23th Floor“.

-Сфатив дека не го сакам шоу-бизнисот. Го сакам шоу-то, но не и бизнисот – изјави во една пригода актерот.

Тој беше остар и за остварувањето од 2005 година на „Ворнер Брос“, римејкот на Вили Вонка, „Charlie and the Chocolate Factory“, опишувајќи го како вежба за правење пари.

Истата година ја објавува првата лична книга на неговиот живот, „Kiss Me Like a Stranger: My Search for Love and Art“. Во наредните седум години ќе објави три новели.

Со сите препреки и потешкотии со кои се соочувал во личниот живот, момчето што ја одржуваше мајка си жива со смешниот глас и поглед, успеа тоа да го пренесе на милиони други, кои денес искрено жалат за неговата смрт. 

Објавено:
30 август 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.917 пати