Што велат жените што го победиле ракот на дојката?

3 октомври 2018

Октомври е месец на борбата и свесноста за ракот на дојката. На сите страни може да се сретнат совети да се вршат редовни прегледи и дека навременото откривање е најголемата шанса за оздравување и победа над сè почестата болест.

Ехото, мамографијата и секако самопрегледот се нешто што не треба да се прави секој октомври, туку повеќе пати во годината. И размислувањето „мене нема да ми се случи“ треба да биде исклучено во истата секунда, бидејќи болеста навистина не бира.

А за тоа говорат и искуствата на светски познати дами што се соочиле со оваа болест. Понекогаш и финансиската сигурност не е клуч за победа на болеста.

И додека во светот, па и регионот познатите личности ( а и „обични“ граѓани) немаат проблем да споделат дека биле заболени од оваа болест, кај нас ова сè уште како да е табу тема. За колку познати личности знаете дека го споделиле своето искуство? Колку искуства генерално можете да прочитате по нашите медиуми?

Не е срамота да се каже „боледував од рак на дојка“ или „боледувам“, тоа е храброст!  Токму во продолжение ќе прочитате што имаат да кажат познатите дами што успеале да се изборат со оваа болест.

Да се биде познат носи и општествена одговорност, но и моќ - да се биде слушнат и да се изврши влијание, а секој одбира на кој начин ќе го искористи тоа.

 

Кристина Еплгејт (44)

На познатата актерка Кристина Еплгејт ѝ е дијагностициран рак на дојката во 36. Година. Оваа дама по успешното лекување, одлучи да основа фондација за помош на жените. Таа се одлучила за масектомија, бидејќи одбила да се подвргне на хемотерапија и зрачење. Три години по излекувањето, раѓа син, што дава буквално нова светлива и сила во нејзиниот живот.

-Кога првпат дознав за ракот на дојка, не сакав да зборувам за тоа, но на крајот сфатив дека морам. Многу млади жени се соочуваат со истото, а луѓето не разбираат каков процес е тоа.  Тогаш мојот активизам се разбуди. После оваа болест, се појави мутација на ген и морав да ги извадам и јајниците бидејќи постоеше ризик ракот да се врати. Имам седумгодишна ќерка и едноставно морам да зборувам за вакви работи и покрај тоа што се приватни. И сакам сите жени да знаат дека не се сами! – изјави актерката во април годинава.

 

Џулијана Ранчиќ (41)

Џулијана е светски позната телевизиска новинарка и водителка. Во 2011 година ѝ е дијагностициран рак на дојката, а седум години оттогаш болеста не се вратила.

-Мислев дека тоа мене никогаш нема да ми се случи, навистина мислев така. Но, сè е со причина, колку и да ние да сме лути или повредени. Можеби требаше да ми се случи нешто вакво за да научам некои работи и мојот живот да стане побогат и подобар – вели водителката.

 

Синтија Никсон (49)

Улогата на Миранда од „Сексот и градот“ ѝ донесе ултра популарност на Синтија Никсон, но сепак во 2006 година таа се соочи дијагноза – рак на дојка. Во 2008 година таа објави дека боледува од оваа болест, која ја победи со зрачење. Нејзината мајка два пати се бореше против оваа болест, првпат кога актерката имала само 13 години.

-Јас бев од двете страни на болеста и знам колку е тешко да гледаш некој што го сакаш како страда. Но, стравот е она од што треба најмногу да се плашиме. Она од што најмногу треба да се плашите е доколку не направите мамографија.

 

Кајли Миног (47)

Познатата пејачката Кајли Миног се бореше со рак на дојки со свои 37 години.

-Тешко е да искажам што сè научив од тоа искуство, но емотивно и психолошки се сменим сосема – изјави неодамна актерката.

 

Мелиса Етериџ (54)

На оваа пејачка ѝ е дијагностициран рак на дојката пред седум години и благодарение на навременото лечење, ја победила болеста. По третманот за лекување, учествува во бројни организации посветени на едукација на жената во борба против ракот.

-Кога имате рак, најблиску сте до смртта. Хемотерапијата ве носи во пеколот, во каков не сте биле претходно. Но, кога еднаш ќе го победите ракот, не стравувате веќе од ништо. Не постои посилна личност од вас!

 

Шерил Кроу

Во 2006 година на Шерил ѝ е дијагностициран рак на дојка. Во тој период се распаѓа и врската со нејзиниот вереник, спортистот Ленс Армстронг. Тогаш изјави дека се чувствува како целиот свет да ѝ се руши. Благодарение на раното откривање, со минимален хируршки зафат и седум недели зрачење, таа ја победува болеста. Поради новата здравствена состојба, пејачката го смени и режимот на исхрана, кој се состои од риба, ореви, шерн зеленчук, влакна и здрави зачини.

-Единствената личност што може да ве спаси сте самите вие. И тоа е пораката што секогаш ќе ја споделувам. Фактот дека имав рак на дојка ми ги отвори очите и сфатив дека сепак во животот ние не можеме да контролираме сè и на секого може да му се случи.

 

Рита Вилстон

Рита веќе нема рак во себе. Кога дозна за болеста, актерката се поблече од јавноста. Помина низ терапија и масектомија на двете гради. Но, по победата се враќа на Бродвеј и е еден од гласноговорниците да се реагира на време!

 

Кети Бејтс

Актерката Кети Бејтс пред 10-тина години го победи ракот на јајници, а минатата година откри дека боледува од рак на дојката. Сепак, и покрај новото животно премрежје, оптимистичниот дух не ја напушти, па на социјалните мрежи напиша: „Не ми недостасуваат толку моите гради колку што ми недостасува Харвиевиот закон. Ви благодарам на убавите пораки“.

 

Оливија Њутн Џон

Актерката Оливија Њутн Џон уште во 1992 година откри дека боледува од ракот на дојка. Таа се подвргна на операција, хемотерапија, радикална масектомија и реконструкција. Оливија изјави тогаш дека постојано добивала совети од многу луѓе.

„Им порачувам на жените што се соочуваат со оваа болест дека тие самите можат најмногу да си помогнат. Јас си помогнав така што се грижев за моето тело, дух и умот“.

 

Еди Фалко

Ѕвездата на култната серија, „Семејството сопрано“, Еди Фалко се соочи со ракот на дојка во 2003 година. Таа тогаш продолжи да работи, а во текот на снимањето на споменатата серија, одела редовно на терапии, а паралелно снимала и нови епизоди. Со јавноста го сподели ова откако успешно ја надмина.

-Секој ден животот ме изненадува, како што ме изненади дијагнозата за ракот. Но, учите да живеете со тоа. Тоа е нашето задолжение како луѓе, да се носиме со сè што ни носи животот.

 

Бетси Џонстон

Позната по своите ексцентрични модни креации, дизајнерката Бетси Џонсон во 2002 година се соочи со дијагноза – рак на дојка. По тоа следеше операција со која ја отстрани едната тојка, како и хемотерапија со која го победи канцерот, кој и години подоцна не се врати.

-Тешките времиња секогаш водат до нешто убаво и големо! Држете се до сончевата страна, одржувајте ја убавината во секоја смисла.

 

Милена Дравиќ

Во една емисија во 2015 година, актерката Милена Дравиќ откри дека во 2007 година се борела против ракот на дојка.

„Дваесетичетири часа после операцијата, застанав на театарската сцена и ја одиграв претставата „На Лара Томпсон – трагедија на една младост“. Продолжив веднаш со работата, не сакав да се враќам на она низ што поминав. Така ми беше полесно и знаев дека само на тој начин можам да одам понатаму. Требаше да се собере многу сила. Не смеев да се сопнам, поради многуте жени кои се соочуваат со истиот проблем, но и поради себе. Не сакав сожалување од никој, а најмалку од себе. Луѓето во такви ситуации се склони кон тоа да се препуштат на таков вид емоции, мислејќи дека така ќе им биде подобро. Најлошата варијанта е со своите проблеми да ја оптоваруваш околината. За моите здравствени проблеми знаеја само моите најблиски – сопругот, братот Раде и најинтимните пријатели. Колегите од претставата беа тука за мене, не сакаа да ја тргнеме од репертоарот“, изјави тогаш Дравиќ, која додаде дека нејзиниот сопруг Драган Николиќ постојано бил со неа, поминал „низ сите фази на болеста со неа и многу придонел за исходот на борбата да биде позитивен“.

 

Виолета Томовска

Пејачката е една од ретките познати личности кај нас што отворено зборува за борбата што ја имала откако дознала дека има рак на дојката.

 -Јас на 38 години, во 1983 година, кога бев најпопуларна, од „нигде-никаде“ дознав за болеста. Имав напад на бубрег, па бев на боледување. Пред тоа на еден концерт почувствував нешто на градата. Си реков, додека сум слободна да одам до онкологија да прашам еден професор само за мислење. Само да ме посоветува. Кога ме виде докторот, почна да вика каде сум до сега. Но, јас немав никаква потреба од лекар. Во ист ден, отидов на пункција и мамографија. Тогаш немаше гужви како сега. Ги добив резултатите попладне, и пишуваше: малигно и на двете дојки. Си реков што сака нека биде, нема да се нервирам. Никому ништо не реков. Во тоа можевме да одиме каде сакаме да се оперираме и лекуваме. Маж ми само ми рече, бирај помеѓу Париз, Лион или Љубљана. „Ајде во Љубљана“ му одговорив со насмевка. Во вторник се снимав, во петок веќе заминав. Експресно. Се оперирав билатерално на двете дојки. Оваа година ќе бидат 33 години како сум оперирана. Се навикнав со протези... Во сето тоа ми помогна и сопругот. И тој беше силен, дури и посилен од мене. Месец дена по тоа, почнав да пеам – објаснува Виолета во интервјуто за нашиот сајт пред две години.

Објавено:
3 октомври 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.034 пати