Славниот режисер Фатих Акин гостин на „Браќа Манаки“

18 септември 2019

Вчерашнот фестивалски ден на „Браќа Манаки" поминува во знакот на средбата со славниот режисер Фатих Акин и неговиот кинематографер Рајнер Клаусман. Пред специјалната проекција на неговиот најнов филм „Златна ракавица", која се одржа синоќа во Центарот за култура во Битола, голем број негови обожаватели дојдоа да се поздрават и да се сликаат со својот омилен режисер. Тој пред проекцијата се заблагодари на фестивалот „Браќа Манаки" за поканата и рече дека првите сцени се снимени во еден кадар.

Тој особено беше воодушевен што и Едвард Лакман дојде на проекцијата, па му се обрати од сцената:

-Мене ми е голема чест што филмот „Златна ракавица" ќе биде прикажан на ИФФК „Браќа Манаки". Ед Лакман е моја инспирација и би сакал да кажам дека вашата работа како филмски творец беше инспирација конкретно за овој филм, бидејќи една од актерките од филмот „Paradise: Love" ја избрав да глуми во овој филм. Има многу да се зборува за кадрите, снимањето, времетраењето на снимањето, но гледајте на него како на студентски филм и уште повеќе како на спорт, рече Акин.

Денес напладне под модераторство на Гена Теодосиевска се одржа мастер-клас со исклучителните гости на 40. издание на „Браќа Манаки", режисерот Фатих Акин и кинематограферот Рајнер Клаусман, кои работат како тандем повеќе од 15 години. Заради големиот интерес на филмофилите и почитувачите на делата на овие врвни мајстори на филмот, закажаната средба во Малата сала на Домот на културата беше префрлена во Големата сала, па околу 200 присутни можеа да ги слушнат мислењата на Акин и Клаусман и да дебатираат со нив по синоќешната проекција на нивниот најнов наслов, контроверзниот треш-хорор „Златна ракавица".

Акин и Клаусман имаат снимено 8 играни филмови како тандем, почнувајќи од „Солино" во 2002 година. Со „Со глава низ ѕид", „Работ на рајот", „Соул кичен", „Рез", „Збогум Берлин" и „Од никаде" Акин како режисер освојуваше награди на престижните фестивали во Венеција, Кан, Берлин... Клаусман – многу добро познато име во светот на кинематографијата со „Падот" на Оливер Хиршбигл (сторија за последните денови на Хитлер со извонредниот Бруно Ганц) – последнава деценија и пол снима исклучително само со Акин. Во 2017 година ја доби „Сребрената камера 300" на „Браќа Манаки" за „Од никаде", а минатата година беше член на жирито за филмовите во компетиција.

Извор: Официјална веб страна на фестивалот „Браќа Манаки“

Објавено:
18 септември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
209 пати