На 43 издание на „Браќа Манаки“ од 20 до 27 август ќе се натпреваруваат два македонски филма

22 јули 2022

Годинешното 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки", традиционално ќе се одржи во Битола, но ќе трае подолго, поточно 8 дена, почнувајќи од 20 до 27 август.

Во главна програма ќе се натпреваруваат вкупно 14 играни филмови, наградени остварувања од европски и светски фестивали, Меѓу другото ќе се натпреваруваат и два македонски филма, „Снежана на крајот умира" на режисерот Кристијан Ристески и „Мими" во режија на Даријан Пејовски.

- Годинава фестивалот ќе трае подолго, ќе трае осум дена и ќе изобилува со програми. Годинава имаме 14 играни филмови, 12 во кратката програма, ја враќаме документарната програма, студентската програма повторно ја враќаме, ќе имаме гости од светски академии за филм и мак корнер програмата. - истакна директорот на ИФФК „Браќа Манаки", Сименон Мони Дамовски за медиумите за време на прес-конференцијата која се одржа во средата. - Годинава имаме добитник, симболот на „Браќа Манаки", имаме исклучителен добитник, што се смета за пионер на дигиталната камера и е првиот оскаровец кој добил Оскар за филм снимен со дигитална камера, а тоа е господинот Ентони Дод Ментл кој е снимател на филмовите на Ларс фон Трир, на Дени Бојл, и бројни холивудски филмови. Сестран кинематографер со документарни остварувања на дигитални долгометражни, краткометражни филмови. Како и браќата Манаки вистински пионер во својата област. Тој ќе ни дојде и ќе биде гостин во Битола, ќе ја прими наградата која е симболот и знакот на нашиот фестивал. - додаде тој.

Фото: Facebook

Според Слаѓан Пенев, селектор на долгометражната натпреварувачка програма, во рамките на фестивалот ќе се прикажуваат и по два и по три филмови во една вечер во големата сала во Домот на културата во Битола. На оваа листа се вбројуваат и „Тркалото на среќата и фантазијата" од Рјусуке Хамагучи, канскиот победник „Триаголник на тагата", како и шпанскиот филм „Алкарас", кој е добитник на „Златна мечка" во Берлин.

Селекторката на документарната програма, Кумјана Новакова, посочи дека ИФФК „Браќа Манаки" е важен фестивал за виталноста на нашето општество, потенцирајќи го фактот дека 70 проценти од филмовите ги потпишуваат жени, односно женскиот сензибилитет отвора нов израз и претставува промена на традицијата со која фестивалот сака да раскине. Новакова исто така истакна дека програмата наедно е и простор на креативна храброст затоа што со селекцијата се начнува во доку- фикцијата и на хибридните филмски јазици.

Режисерката Марија Апчевска, која е селектор на кратката програма, пак, рече дека е ставен фокусот на кратки филмови кои имаат извонредна фотографија, бидејќи кинематограферот е значаен за наративот на филмот.

Фото: Facebook

- Имаме селектирано 12 филмови од цел свет. Особено ми е задоволство што во изборот имаме и филмови кои се снимени од жени кинематограферки. Имаме и наши домашни македонски филмовиа се филмови кои веќе биде на светски фестивали, наградувани се, но и имаме нови гласови, филмови на режисери и кинематографите чие време допрва доаѓа, а тие во Битола ќе уживаат на нашиот фестивал. - кажа Апчевска, додека пак Ѓорѓи Пулевски кој е селектор на студентската натпреварувачка програма насловена „Први чекори" откри дека станува збор за визија на фестивалот кој е една појдовна точка на младите кинематографери.

- Им даваме елан, инспирација и препознавање на нивниот квалитет и талент. Избравме 18 филмови од 17 земји во селекцијата од најголемите филмски академии од Лондон, Виена, Полска, Чешка, Минхен, Мадрид итн. Ќе одлучува интернационално жири, а најдобриот кинематографер ќе добие кристална камера 300. истакна Пулевски.

Објавено:
22 јули 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
201 пати