Фестивалот ќе се одржува од 14 до 20 септември во Битола и ќе биде отворен со премиера на македонскиот филм „Соба со пијано“ на Игор Иванов.
Оваа година ќе бидат презентирани 74 наслови од светската и македонска кинематографија, 4 премиери, голем број наградувани филмови и два кандидати за Оскар. Во главната програма ќе има 12 исклучителни филмови, Новите визии претставуваат 6 проекти, документарна селекција, а Вип операторот за најмладата публика ќе прикаже бесплатно 5 филмови за деца.
„Се наоѓаме пред исклучително богато фестивалско издание. Годинава сум особено горда на мошне разновидната програма. Со цела сила се обидовме да ја донесеме најубавата нордиска светлина во Битола. Програмата е исполнета со квалитетни филмови, најголем број на работилници досега, конференции, промоции, неверојатни автори и гости, програмски иновации кои им ги нудиме на сите филмски заедници. Сметам дека сите заедно ќе уживаме во секој момент од ова издание, токму затоа ги поканувам сите што можат да ни дојдат на гости во Битола“ – истакна Лабина Митевска, директор на фестивалот.
Централен настан ќе биде Црно – бело со пијано каде заедно со Кинотека на Македонија ќе бидат прикажани сите дигитализирани филмови од оставината на браќата Манаки со пијано придрба на групата „Маратови“. Исто така годинава ќе се додели посебна награда Златна камера 300 за особен развој на македонската кинематографија на режисерот Кирил Цаневски.
Поради големата заинтересиранот филмот „Соба со пијано“ ќе има две проекции на кои пред битолочани ќе се поклони целата екипа, а за прв пат ќе биде прикажан „Барајќи ја среќата“ на Марија Џиџева за ергените од Битолскиот регион кои бараат невести во Албанија.
Покрај филмската програма ќе бидат претставени три балкански катедри на кинематографијата (Белград, Љубљана, Скопје), ќе гостува дебатниот клуб од Битола, разговори со наградените за животно дело и специјалната награда Златна камера 300, четири работилници, Втората балканска конференција на директори на фотографија, промоција на книгата Теоријата и практиката на документарниот филм од Антонио Митриќески, сценаристко катче итн.
Благоја Кунески – Доре кој е селектор за главната програма накратко ја претстави главната селекција – Спецификата на мојата селекција е што се случи сосема оправдано да имаме и 4 филмови во црно –бела фотографија со високи естетски вредности. Исто така, ми импонира што конечно ја добивме првата дама, наш заслужен лауреат на специјалната камера 300, Фрнацузинката Ањес Годар.
Шпанскиот кинематограф Хосе Луис Алкаин е добитник на Златната камера 300 за животно дело во 2013, а француската снимателка Ањес Годар за специјалната награда Златна камера 300 за придонес во светската филмска уметност. Жиро комисиите што ќе ги одредат наградите се во состав со интернационални личности од светот на културата и уметноста.
И годинава отварањето и затварањето на „Браќа Манаки“, директно од црвениот килим ќе се пренесува на првиот канал на МТВ.