Сo програмата „Нови визии“ иднината на филмот доаѓа во Битола

21 август 2014

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој годинава ќе се одржи по 35-ти пат, најавува дека  програмата „Нови визии“ шеста година по ред ја донесува иднината на филмот, претрпувајќи одредени концепциски и програмски измени.

По секој проектиран филм присутните во салата ќе учестваат во отворена дискусија која е иницирана од темата и од гостите од филмот, а под модераторство на Ѓорѓи Пулевски, еден од основачите на дебатното кино „Контракадар“, во кое членуваат филмски ентузијасти и активисти од Битола.

Во изминатите година и пол „Контракадар“ со своите филмски проекции и дебатни вечери го обележа културниот живот во градот на браќата Манаки, со што се наметнаа како инспирација во програмата „Нови визии“, чија основна цел е да го отвори фестивалот кон што повеќе млади луѓе и да ги претстави „новите визии“ од светот на филмот.
„Програмата нуди посебна свежина, без која Фестивалот Манаки не би бил истиот. Нешто повеќе од половина деценија како што оваа програма храбро презентира мултислојни предизвици на кои не можеме да останеме рамнодушни. Преку филмовите од Нови визии се отвораат критични теми и табу прашања, кои нè тераат колективно, а и индивудално да се преиспитаме длабоко во себе за да ги поместиме своите граници. И по форма и по содржина, програмата годинава е фрагмент од несекојдневната и неконвенционалната матрица на филмови, кои нудат вистинско визуелно и интелектуално искуство“, вели Пулевски.


За да има доволно време да се отворат што е можно повеќе аспекти во разговорите, оваа година Фестивалот претставува пет исклучителни, наградувани филмови и, како особена реткост, ќе имаме гости од речиси секој од насловите.
Од филмот Лоша фризура (Bаd Hair) ни доаѓа дистрибутерот Петар Митриќ. Филмот е од венецуелска продукција и досега ги освои наградите за најдобар филм на врвни фестивали, како Сан Себастијан, Хавана, Монтреал, Солун и многу други.

Од Бела сенка (White shaddow), Германија, ќе гостува кинематограферот Армин Диролф. Филмот ја освои награда „Лав на иднината“ во Венеција.

Од белгискиот Виолетово (Violet), кој во Берлин освои Гранпри од меѓународното жири Генерација 14плус, најавен е кинематограферот Николас Каракацанис.

Најпосле од филмот Варвари (Barbarians), копродукцијата меѓу Србија, Црна Гора, Словенија, ќе гостува речиси целата екипа, и тоа: Иван Икиќ, режисер, Милан Стојановиќ, продуцент, Драган фон Петровиќ, монтажер, Милош Јаќимовиќ, кинематографер, Желко Марковиќ, актер (Лука). Филмот ја освои наградата „Источно од Запад“ на Фестивалот во Карлови Вари.
Петтиот наслов кој ќе биде прикажан во оваа програма е социјално-политичката индиска драма Блеф покер (Liar's Dice). Филмот ја освои највисоката државната филмска награда за кинематографија во Индија и беше номиниран во категоријата „Светска филмска драматика“ за која одлучува главното жири на фестивалот во Санденс.
Овие филмови на оригинален авторски начин отвораат суштински и контроверзни теми поврзани со децата и со младите луѓе, што уште повеќе го оправдува концептот на Фестивалот, кој од една страна се труди да ја подигне свеста на луѓето во врска со одредени проблеми во општеството, а од друга страна, истовремено ја промовира филмската уметност.
35-тото издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 13 до 19 септември. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Англичанецот Крис Менџис. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот Кон ѕвездите.

Објавено:
21 август 2014
Категорија: 
Култура