Заврши 34-тото издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

21 септември 2013

 

 

Со повторно распослан црвен килим, многу гости, посетители и љубители на филмската уметност синоќа заврши 34-тото издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Свое обраќање имаше министерката за култура г-ѓата Елизабета Камческа-Милевска која никако не го криеше задоволството за прекрасно сработениот фестивал, а воодушевена од овогодинешната програма им порача на авторите, пред се на младите уметници да продолжат да создаваат уметнички дела.

 

 

„Македонската кинематографија денес ја доживува својата ренесанса и навистина ме радува фактот што нашите фестивали како „Браќа Манаки“ се случуваат премиери на многу наши македонски филмови“.

На крајот на говорот упати срдечни честитки до наградените и голема благодарност до целиот тим кои директно или индиректно беа дел од годинешното издание на фестивалот.

 

 

„34-тото издание на фестивалот „Браќа Манаки“, оваа година беше во духот на индикативната синтагма „Пушти ја светлината“, а ние како добри домаќини го отворивме прозорецот, и тој и покрај вечерашново затворање на фестивалот останува отворен за светлината што до нас стасува од далечните простори, но и за светлината што од нас излегува се посилно и посилно и допира се подалеку и подалеку“, заврши министерката, по што водителот Петар Горко ги прозива членовите на жири комисијата, заедно со претседателот Хозе Луис Алкаин и директорката на фестивалот Лабина Митевска да ги доделат наградите на фестивалот. Прво се доделија специјалните награди, а потоа и регуларните бронзена, сребрена и златна камера 300.

 

 

Специјалната награда „Златна Камера 300“, за особен придонес во филмската уметност на 34-тото фестивалско издание на „Браќа Манаки“, отиде во рацете на Ањес Годар, која скромно изјави:

„Навистина сум почестена и искрено се заблагодарувам. Не ја земам оваа награда само во мое име, туку ја сфаќам како знак на тоа дека работата на мажите и на жените веќе се изедначува“.

 

 

Другата специјална награда „Златна Камера 300“,за особен придонес во светската кинематографија и беше доделена на жената пеперутка, жената волк, скриена, таинствена, суптилна и прецизна, нежна и разорна, тивка и природна, секогаш уверлива, искрена, присутна, актерка за која сонува секој режисер, актерка која знае да ве завлече, занесе, насмее и заведе....

Единствената Изабел Ипер! Наградата и ја додели министерката за култура Елизабета Камческа-Милевска.

„Многу ви благодарам. Во животот сум примила доста награди, меѓутоа ретко сум ги примила со таква топлина, љубезност и љубов. Ти благодарам Лабина и му се заблагодарувам на секој што учествува и зема дел од овој фестивал. Ова е неверојатна прилика која ја слави кинематографијата и особено ми се допаѓа слоганот на фестивалот, затоа што ја спомнува светлината, а светлината е онаа без која не би можеле да имаме филмови. Исто така многу и благодарам на Ањес точно за светлината. Навистина сум трогната, мислам филмот е мојот живот, можеби не целиот мој живот, меѓутоа голем дел од него и овие прилики се прекрасни затоа што среќавам луѓе со кои би можела да разговарам за филмот и да се уривааат предрасудите кои луѓето ги имаат за и околу филмот. На крај уште еднаш ви благодарам, може да се каже дека ова е награда за полуживотно дело. Се надевам ќе се видиме повторно“, изјави актерката која беше и специјален гостин на фестивалот или ѕвездата на филмското „лудило“ наречено „Браќа Манаки“.

 

 

Потоа следуваа наградите за филмовите кои беа селектирани во програмата од официјалната конкуренција.

 

 

Жири комисијата наградата „Бронзена Камера 300“, му ја додели на Кшиштов Птак и Војчиеч Старон за „Папуша“. За создавањето на еден епски, автентичен, хипер-реалистички величествен свет.

 

 

„Сребрената Камера 300“ отиде во рацете на директорката на фотографија која суптилно создава непретенциозна средина со кривуслести движења на камерата. Нејзиното име е Виржини Сент Мартен, а насловот на филмот е „Танго Либре“, кој беше прикажан синоќа после доделувањето на наградите.

 

 

Филмот кој се закити со наградата „Златна Камера 300“ е „Снежана“ на Кико де ла Рика. Се работи за филм со луцидна и имагинативна нарација потпомогната од заведувачкиот црно-бел визуелен пристап на кинематограферот. Сликите се различни и длабоки и изобилуваат со сила, детали и магнетни, окуларни, крупни кадри.

 

 

 

 

Објавено:
21 септември 2013
Категорија: 
Актуел