Со „Стела" и анимирани филмови за деца синхронизирани на македонски јазик започна 3. фестивал „Преку езерото" во Дојран. Најмладата публика уживаше, а имаа можност одблиску да го запознаат Столе Вујичиќ, режисерот на „Стела" и да прашаат сè за првиот македонски ЕКО филм.
Претходно, во Музејот на Град Дојран се оддржа работилница за филмска писменост со директорот на фестивалот „Преку езерото", Јани Бојаџи, режисерот на „Стела", Столе Вујичиќ и претседателот на Советот на фестивалот Мими Ѓорговска Илиевска.
Официјалното отворање ќе биде на 9 август со доделување на наградата „Мето Јовановски" на актерот Владо Јовановски, како и проекција на филмот „Руски конзул", последниот филм на Мето Јовановски.
Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, ќе понуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранското Езеро.