„Станица Љубов“ – откачена љубовна приказна на Синиша Ефтимов

30 јануари 2015

Во време кога мажите малку како да подзаборавија како да им пријдат на девојките, на сцената на мистичната Станица 26 доаѓа новата претстава на секогаш одличниот Синиша Ефтимов што ќе прикаже една малку поинаква форма на театар исполнет со многу љубов.

Претставата за чија премиера дополнително ќе ве информираме, се вика „Станица Љубов“ и е направена со целосна финансиска поддршка од клубот Станица 26 каде и ќе биде на репертоар.

Станува збор за една сосема поинаква, неконвенционална претстава која што е одличен спој на кабаре, комедија и драма, со добра музика и костимографија и секако, одлична актерска екипа заедно со една пејачка.

„Темата е љубов, поконкретно љубовта на мажот кон една жена и што сѐ тој треба да направи за да ја освои и на крајот на денот, да остане со неа засекогаш. Начинот на кој што ја интерпретираме оваа тема и воопшто начинот на кој ја раскажуваме оваа приказна е малку неконвенционален, малку поинаков од она што можеме да го следиме на театарската сцена. Тоа е така поради тоа што прво се наоѓаме во клуб, но тој недостаток, тој дефект ние го претвораме во ефект со тоа што ги користиме сите форми кои што еден млад човек кој излегува во град би ги користел за да си помине добро. Ние сето тоа го ставаме на сцена, се обидуваме да го доближиме што поблиску до публиката, да се поистиветат, да се најдат во одредени ситуации“, вели Ефтимов за Fashionel.

Текстот на претставата е на Александар Русјаков, со кого Ефтимов за прв пат соработува. Она што е особено интересно во оваа претстава, е тоа што во истата и ќе глуми и ќе пее Тамара Тодевска.

„Таа фактички ќе дебитира во претставава, и ќе глуми и ќе пее. Дел од претставата ќе бидат и Јана и Ана Стојановски, потоа талентираната Камка Тоциновски и двете мои деца како што ги викам, иако некој може ќе се налути за тоа, Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски. Имаме супер екипа, имаме фантастични услови за работа, особено ќе напоменам бидејќи станува збор за сосема приватно финансиран проект, условите се фантастични, ретко добри, мислам некогаш ни во театри немаме такви услови. Во последниве три месеци, ние сме постојано во Станица 26, веќе сме како дома и мислам дека ќе биде многу добро. Мислам дека правиме сериозен хит“, вели Ефтимов.

Костимите за претставата ги изработи познатиот македонски дизајнер Александар Ношпал, кој за Fashionel вели дека станува збор за едноставни костими што ќе им ја овозможат сета удобност што ќе им биде потребна на актерите.

„Направени се едноставни костимографски решенија на принцип на трансформација, бидејќи претставата е многу активна, ние допрва сега ја правиме костимската проба така што допрва и ќе се решат некои елементи во костимографијата, како на пример модни додатоци и други елементи што ќе се вметнат. Костимите се изработени од памучно кадифе, заради целиот амбиент, бидејќи тоа дава една нота на интимност, на кабаретски момент, бидејќи кадифето многу добро ја впива светлината, бидејќи костимографски мора да се внимава на тие работи. Фустаните се трансформираат за да се постигнат различни ефекти, а боите се бирани во согласност со карактерите, односно со ликовите што тие ги играат. Актерките претставуваат четири карактеристики на жените. Тие четири карактеристики се окарактеризирани преку четири бои кои се многу длабоки и многу моќни, и мислам дека оние кои знаат да го читаат театарскиот текст и знаат да ги препознаат тие елементи, ќе знаат да ја препознаат и логиката во костимите“, вели Ношпал.

Тој додава и дека сосема нормално, на изработката на костимите работеле заедно со целиот тим, бидејќи ќе каже дека костимографот не може да се издвои како некој императив што ќе постави свој дизајнерски решенија и ќе се држи само до тие.

„Костимот секогаш мора да е во функција на претставата, ако не функционира во претставата, тогаш не е валиден. Овие костими се доста едноставни, удобни, правени за една ваква мала продукција, но со симболички и еден комичен пристап во сето тоа“, завршува Ношпал.

Целата сценографија на оваа „откачена“ претстава е на Илина Ангеловска, а музиката за истата ќе биде заеднички избор на екипата од неколку жанрови.

Премиерата на претставата ќе се случи во клубот Станица 26, како соодветно и совршено место за вечер исполнета со многу љубов и можеби и многу нови почетоци, откако шармантните актери во претставата ќе им покажат на момчињата како се освојува жена!

Објавено:
30 јануари 2015
Категорија: 
Култура