Во сосема интимна атмосфера вчеравечер додека сите ја гледаа телевизиската премиера на „Златна Бубамара“, во ноќниот клуб Станица 26 се случи една поинаква претстава.
На нивната сцена на која досега навикнавме да гледаме одлични пејачи и изведувачи, овојпат се појавија млади актери, а помеѓу нив и една пејачка!
Токму на таа сцена, се случи долгоочекуваната претстава „Станица Љубов“ на Синиша Ефтимов со Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Камка Тоциновски, Ана и Јана Стојановски и Тамара Тодевска во главните улоги.
Сосема очекувано, Ефтимов направи една интересна и помалку комична претстава која наликуваше на неодоливо кабаре изведено во некое мистично место.
Облечени во секси фустани и наметки, дело на Александар Ношпал, девојките ги исполнија сите очекувања на публиката, како со нивната глума, така и со сексапилот што зрачеше од нив.
Момците пак, за кои режисерот милува да каже дека се негови деца, на сцената на Станица 26 се појавија во вистински елегантни костими изработени од кадифе, комбинирани со модни додатоци што ги направија уште поинтересни за публиката.
Како што и самиот Ефтимов ќе каже, темата на претставата целосно ја славеше љубовта, односно љубовта на мажот кон една жена и она што тој треба да го направи за да ја освои.
Девојките одлично ги доловија четирите карактеристики на една жена, инаку средношколска љубов на Атанас и Тино кои вистински направија сѐ за да ги освојат.
Иако со малку трема, Тамара одлично се снајде во нејзиното театарско деби, а според овациите, голема е веројатноста дека ќе ја видиме уште во некоја претстава.
Текстот на претставата е на Александар Русјаков, со кого Ефтимов за прв пат соработува. Целата сценографија на оваа „откачена“ претстава ја направи Илина Ангеловска, а музиката за истата беше заеднички избор на екипата од неколку жанрови.
Сосема очекувано, претставата предизвика голем интерес кај македонската публика, па од Станица 26 чиј проект е истата, ве покануваат веќе на второ прикажување на 1 – ви март во недела.