„Златна Бубамара на популарноста“ прослави полнолетство

20 февруари 2015

Осумнаесет години награди, музика, смеа, сатира, пародија, забава – нешта кои се синоними за манифестацијата„Златна бубамара на популарноста“. И секако, Сашко Коцев.

Во препознатлив стил, секогаш со ново и актуелно сценарио, сопственикот на радио Бубамара и организаторот на манифестацијата, Ранко Петровиќ, заедно со целиот тим и гостите,  вчеравечер го прославија полнолетството.

Мотото за оваа година гласи: „Смеете да се смеете“, со препорака од „штабот на Бубамара“: „насмевка и здрава храна, следете не' и не мрсете многу“.

На самиот почеток нè разгалија звуците на песната на Драган Ѓаконовски Шпато, „Девојка“, што беше одличен вовед за евергрините што следеа во изведба на трите прекрасни дами  - Верица Ристовска, Даниела Панчетовиќ и Зорица Поп Анкова. Тие го добија првото признание за животно дело, поради нивниот придонес и траги во македонската забавна музика. Токму во оваа пригода  нè вратија во среќните и безгрижни 1970-ти, кога трите диви всушност и ги пееја големите хитови од домашната забавна сцена. Она на што сите можат да им позавидат и после толку години кариера, се енергичноста и љубовта кон песната.

После ваков музички вовед, домаќинот Ранко Петровиќ традиционално ја поздрави публиката, а потоа на сцена се појавија и младите актери Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски, кои покажаа дека има кој да го замени Сашко во улогата на водител. На свој начин тие успеаја да ја забават публиката и да ги доделат наградите за откритие на годината, кое отиде во рацете на малиот Трајче Георгиев , актер на годината – Александар Микиќ и актерка на годината – Дарија Ризова. Во блокот театарски награди беше и онаа за најгледана претстава, а годинава тоа според „Бубамара“ е „Стјуардеси“ на Театар Комедија.

Трајче уште еднаш сите ги восхити со својот талент, а на сцената, по негова желба му се приклучи и Даниел Кајмаковски, двете најголеми музички ѕвезди во моментов во Македонија, кога се музичките шоу-а во прашање.

Кога сме кај музиката, Тамара Тодевска, облечена во црна тоалета со потпис на Елена Лука, ја прими наградата за хит на годината, „Тажна љубов, среќна песна“ и тоа од нејзиниот внук Вук. Изненадувањето кое ѝ го приреди сестрата Тијана, веројатно уште повеќе придонесе за одличната изведба на хитот, кој публиката имаше можност и во живо да го чуе.

Тамара се појави во тоалета од модната куќа Елена Лука, со интересен крој и украсен ракав, со што ја видовме пејачката во едно поинакво, елегантно издание

Музичките награди продолжија со Влатко Стефановски, за најдобар албум на годината – „Сеир“, „Љубојна“ се етно група на годината, а за најдобар спот беше прогласен спотот на „Слаткаристика“ за песната „Дим и џам“.

Награди добија и новинарот Ерол Ризаов за најчитана страница, „Коза ностра“ за најпопуларна веб страна, за најдобра емисија за хумор и сатира е прогласена „Зевзекманија“. За најдобра тв-емисија „Бубамарата“ отиде во рацете на водителот Жарко Димитриоски, за емисијата „Еден на еден“. Со оглед на тоа дека емисијата се емитува веќе шест сезони, и ја доби својата прва „Бубамара“, младиот водител не ја пропушти шансата да му се заблагодари и на целиот тим што стои зад шоуто, сметајќи го ова за заеднички успех.

Спортист на годината е ракометарот Столе Стоилов или „Балерина“ како што го најави Сашко Коцев. Токму во таков, „балетски“ стил, Стоилов ја прими својата прва „Златна бубамара“.

Она по што е препознатлива оваа манифестација се и гостите од регионот. Првото изненадување на вечерта беше популарниот Дино Мерлин.

-Прекрасно е да се дојде во земјата која на своето знаме има сонце, во салата каде што сум доживеал многу пати радост и сум свирел во врвни музичари.. Убавата жена е убава, но потребно е тоа и да ѝ се каже. Оваа награда за животно дело, што вечерва ја добивам, ме радува, но и растажува. Најчесто кога ќе ви врачат ваква награда, значи дека сте спремни за пензија. Јас со задоволство ќе ја примам, но сакам да знаете дека не се предавам, уште ќе пишувам и ќе пеам песни – изјави Мерлин пред скопската публика, која ја почести и со две свои песни.

„Бубамарата“ не би била „Бубамара“ да го нема и Игор Џамбазов. На  свој харизматичен начин, тој го најави вториот гостин, кој можеби беше уште поголемо изненадување, а кој исто така прими награда за животно дело, легендарниот член на „Топ листа надреалиста“, музичарот и писател, Неле Карајлиќ:

-Ова ми е прва награда во животот. Скопје беше дел од мојот живот, тука бев во војска. Тука многу пати свиревме и влегувајќи во овој град, се препородив. Бидејќи уште се чувствувам млад. Исто така, би сакал да им упатам поздрав на студентите „Пленумци“. И ова не е ништо претенциозно – рече Неле и ја разигра публиката со два негови хита.

Серијата награди продолжи, а во категоријата Ин Мемориам, „Бубамара“-та му припадна на тимот на легендарното шоу К-15.

-Слава ни. Ова беше нашиот парастос – се пошегува Бубо Каров.

Годинешното 18-то издание не помина без најголемата и најпозитивна интернет атракција, Андруш, кој заедно со легендата на народната песна, Наум Петрески го испеаја хитот „Оди ѕведо“.

Последната награда, за пејач на годината, очекувано отиде во рацете на нашиот годинешен евровизиски претставник Даниел Кајмаковски.

Тамара во уште еден фустан од модната куќа Елена Лука, Тамара во уште еден фустан од модната куќа Елена Лука,овој пат кус и лелеав, со што пејачката ја покажа својата романтична страна

Во дует со Тамара, која го промени својот стајлинг и публиката имаше можност да ја види во одличен романтичен фустан исто така од модниот бренд Елена Лука, ја отпеаја Time of my life, со што годинешната роденденска забава на „Бубамара“ заврши.

Ја проследија голем број познати личности од различни сфери, меѓу кои се најдоа и Есма, Џаро, Сара Мејс, Димитар Атанасовски, Викторија Лоба, Драган Спасов – Дац, Сашо Тасевски, Александар Џамбазов, Славе Димитров, Кире Костов, Сања Николиќ, Тијана Дапчевиќ и многу други...

Со хумористичниот пристап на сите актуелности во државата во изминатава година, позитивната енергија и музика, „Златна Бубамара на популарноста“ успеа да го задржи својот препознатлив знак – насмевката на публиката.

За сите вас што нè бевте вчеравечер присутни во Универзалната Сала, телевизиското издание ќе можете да го погледнете в недела, а за сите љубопитни за тоа што сè се случуваше на сцената, следи галеријата во продолжение.

И да, сите вие што се загриживте како ќе издржите шест и пол часа пред телевизор, а со сè реклами и повеќе, ќе ви ги скратиме маките – „Бубамара“ трае сепак стандардни четири часа.

Игор Џамбазов во придружба на детски хор ја отпеја песната Another brick in the wall Игор Џамбазов во придружба на детски хор ја отпеја песната Another brick in the wall

Објавено:
20 февруари 2015
Категорија: 
Актуел