Една од најочекуваните манифестации, „Златна Бубамара на популарноста“, вчеравечер се одржа по 19-ти пат и започна со темата од филмот „Кум“. Концептот ист, местото различно – „Метрополис Арена“. Сепак, и таа беше премала за да ги собере оние што сакаат директно да ја проследат „Бубамарата“ и да видат во што е магијата.
Чистиот воздух, добрата политичка ситуација, уште подобрата љубовна, нашите корени, навики, секојдневни случувања беа инспирација за годинешното сценарио, што повторно измами насмевки.
Како и секоја година, првото обраќање до публиката го имаше организаторот и домаќин Ранко Петровиќ, кој пак ја додели и првата „Златна бубамара“ и тоа во категориите најпопуларна тв-серија и најпопуларен телевизиско-музички проект, кои им припаднаа на Петко и „5+ фамилијата“.
„Бубамарата“ за животно дело им беше доделена на музичката и брачна двојка, Селимова-Желчевски, кои не можеа да ја сокријат емотивноста и благодарноста за признанието.
-Ова ќе го паметиме додека сме живи. Имаме доста години, но не се даваме – изјави дуото кое повеќе од 50 години е присутно на музичката сцена. Токму затоа, публиката имаше можност да се потсети и со нив да запее неколку нивни препознатливи рефрени.
Младиот актерски тандем Тино и Атанас (Валентин Костадиновски и Атанас Атанасовски) се најдоа во улога на технички водители, кои по сè изгледа имаат тенденција да станат и главни.
Покрај тоа што ни објаснија како функционира љубовта во денешно време и како маглата влијае врз младите, тие доделија и неколку „Бубамари“ и тоа за најдобар млад актер, која му припадна на Жарко Димовски, потоа најдобра тв забавна емисија – „Во недела попладне“, како и онаа за интернационален успех, која им припадна на браќата Тавитјанови.
Со „Златна Бубамара“ вчеравечер дома си заминаа и Билјана Дебарлиева, „Зегин“, тимот на „Зевзекманија“, пливачот Евгениј Поп Ацев, актерот Петар Мирчевски, „Љубојна“...
Најпопуларна група за 2015 година е „ДНК“.
- „Бубамарава“ долго ја чекавме и ја посветувам на мојата мајка. Таа беше голем обожавател на оваа манифестација, жал ми е што вечерва не може да нè види, но сигурен сум дека нè гледа одозгора – изјави Владимир Блажев - Панчо.
Наградите за најдобра пејачка, албум и концерт отидоа во рацете на Тамара, додека пак, наградата за најпопуларна балканска вокална група им беше врачена на „Фрајле“.
„Бубамара“ не би била тоа што е без Сашко Коцев. Ова издание за него беше посебно, бидејќи тој 10-та година по ред е водител на манифестацијата.
Но, беше посебна и за Игор Џамбазов. Со микс од негови песни, отпеани од Тамара, Дани, Горазд Цветковски, Тино, Атанас, Драган Спасов Дац и Нина Деан и со громогласен аплауз од публиката, Џамбазов се појави на сцената да ја прими „Златната бубамара за трајни вредности“.
А наградата му ја врачи долгогодишниот пријател Жан Митрев. Со оглед на тоа дека е непредвидлив, Игор одлучи да направи селфи со целата публика во „Метрополис арена“ и да го одбележи овој за него значаен момент, што секако ги воодушеви присутните.
-Во животот напишав многу песни, за многу луѓе, но никогаш не направив песна за мене, за мојот живот. Но, еве за вечерва се обидов да направам нешто такво - рече Џамбазов, по што се слушнаа и првите звуци од „My way“.
Облечен како Синатра, Игор се потруди големиот хит да го препее на македонски, за „неговиот начин“, за неговиот живот, што публиката ја крена на нозе и измами громогласен аплауз.
И ако Џамбазов уште еднаш успеа да измами искрена емоција, на Тања Кочовска ѝ успеа да измами искрена насмевка.
-Ако на Игор, Жан Митрев му ја врачи наградата, тогаш мене треба некој нутриционист. Си помислив можеби и мене ме чека нешто посебно. Но, потоа го видов Бубо Каров и си помислив, дали можеби тој ќе ми ја врачи? Еднаш снимавме реклама заедно и требаше да легнеме на кревет. И кога го видов него, си помислив: „Леле колку сум слаба“ – се пошегува Кочовска, која ја прими наградата за најдобра актерка.
За најподвиг на годината беа наградени Ивана и Мануел, кои одлучија да го пропатуваат светот на мотор. Иако не беа присутни, преку видео-порака се заблагодарија за признанието.
Крајот на 19-тото издание беше проследено со вистинско музичко лудило! За тоа прво се погрижи Влатко Стефановски, кој ја крена цела публика на нозе.
Забавата продолжи со „Ван Гог“, добитници на „Бубамарата“ за трајни музички врендости. Нивната луда енергија успеаја да ја пренесат и на камерманите и на публиката, која пееше заедно со нив.
Нивниот настап беше одлична завршница на уште едно издание исполнето со многу музика, смеа и емоции.
И ете, на сета мака, успеавме да се собереме и уште еднаш да се насмееме на своја сметка.
За оние што не беа вчеравечер присутни во „Метрополис арената“, годинешнава „Златна бубамара на популарноста“ ќе можат да ја проследат в недела, на „Канал 5“ телевизија, со почеток од 20 часот.
Во продолжение погледнете дел од атмосферата на сцена:
А и зад неа: