Кога пред две години во салата „Борис Трајковски“ публиката на „Златна бубамара на популарноста“, ги стави маските што ги најде под седиштата, воглавно погрешно :) и се направи тогаш наречена историска фотографија, никој не веруваше дека една година подоцна тоа ќе биде реалност.
Уште помалку дека толку долго ќе трае.
Ранко Петровиќ го најави ова 24 виртуелно издание на манифестацијата која секогаш се очекува со нетрпение, од празната сала „Борис Трајковски“.
И седиштата кои инаку одат на нерви и едвај издржувате на нив четири саати, ако успеете да дојдете до карта, од оваа перспектива ви изгледаат совршено и едвај чекате да можете повторно да се „здрвите“ седејќи на нив.
Па, некако уште на почетокот сфативме дека ова ќе биде не само вакцина за добро расположение, туку и носталгија по „она како беше“ и како едвај чекаме да биде.
За тоа придонесоа и снимките од емотивните гушкања и поздрави на сцената, ретроспективата на некои емоции и лица.
Ќе бидеме неискрени ако кажеме дека не ни недостасуваше вклучувањето на Сашко Коцев годинава, како и да слушнеме нов стенд-ап, па уште еднаш да се насмееме на нашата мака.
Бидејќи и годинава имаше „доста материјал“ :)
Но, затоа Атанас и Тино како политички коментатори на сатиричен начин ја претставија политичката сцена кај нас и уште еднаш потсетија дека оваа манифестација се сака пред се' поради сатирата и хуморот.
Ова 24 издание беше она во кое видовме онлајн поздрави од Игор Џамбазов, Бајага, „Хладно Пиво“, Драгољуб Љубичиќ, Раде Шербеџија...
Емоции се разбудија со блокот за сеќавање на починатите.
Бранка Станковска го најави Зоран Џорлев како почеток на 9. конгрес на Бубамара, а маестро Џорлев се појави во друштво со Драган Вучиќ како си ја пеат неговата „Свирете ја Зајди зајди", потоа следуваше споменот за диџеј Ицко. Следуваше и архивска снимка од Зафир Хаџиманов од 2004 година, кога ја добива наградата за животно дело, а река емоции надојде кога Зафир, заедно со Тоше и Калиопи, го отпееа рефренот „А од љубов не се бега".
Џамбазов пак, не' потсети на Балашевиќ кого го испративме неодамна.
Со стиховите "Да се о мом животу прави филм ил барем стрип" од Ѓорѓе Балашевиќ, го затвори омажот за панонскиот морнар и неговата „Одлази циркус", отсликувајќи ја тагата секаде каде што има проста душа словенска.
„И ова ќе го преживееме“, велат од „Бубамара“.
Ни останува да им веруваме, да се чуваме колку што можеме повеќе и да се надеваме дека следната година ќе упатиме аплаузи во полна сала, дотерани, здрави и желни за насмевка на своја и туѓа сметка.
Список на наградени на 24 издание на Златна Бубамара
Најпопуларна детска ТВ емисија 2020 Дајте музика
Најпопуларна детска анимирана серија 2020 Светот на Биби и Боби
Најпопуларна едукативна програма 2020 5 + фамилија за ТВ училница - ОХО
Оптимистички пандемиски хит и видео спот 2020
Ладно пиво & On Line friends – И ова ќе помине
Пандемиски хит 2020 Корона чао - Александар и Дац
Карантински концерт 2020 Бајага и Инструктори - За црвенa зонa - Ташмајдан
Рок хит 2020 Корона хит позитивeн - Забрането пушење & Елвис Џ. Куртовиќ
Награда за трајни вредности Драгољуб Мичко Љубичиќ
Спортски коментатор 2020 Тони Стојановски
Спортски народни херои 2020 Фудбалската репрезентација на Македонија
Најпопуларен ТВ проект 2020 ТВ Серија Преспав – ОХО
Музички продуцент 2020 Мите Димовски
Албум на годината 2020 Taftalidze Shuffle - Влатко Стефановски
Музичко карантин шоу 2020 Дубиоза Колектив
Песна на годината 2020 Ето песма – Раде Шербеџија
Најхумористична ТВ емисија 2020 Зевзекманија – Канал 5
COVER албум 2020 Биба Додева – Незаборавни
Награда за трајни вредности Рамадан Шукри