Скијањето никогаш не било позабавно! Вчеравечер во Универзалната сала во Скопје, генијалниот Сашко Коцев уште еднаш не одведе на „генетски модифицирано“, безгрижно патување што траеше цели четири часа, патување на кое сакаме да одиме и повеќе од еднаш годишно. За миг, се соживеавме со пензионерите и заминавме на скијање на Попова Шапка пуштајќи се по „светите“ патеки, видовме пред сите како ќе изгледа возењето со „Арката на Ное“ во конструкција, направивме многу „селфи“ фотографии, но и уживавме во одличната музика што секоја година е внимателно одбрана од уште погенијалниот Ранко Петровиќ.
Се чини, овогодинешната Златна Бубамара помина во знакот на младиот Даниел Кајмакоски кој едноставно не можеше да поверува до каде го донесе популарноста. На самиот влез беше пречекан од група девојчиња со чоколади, мечиња и многу блицови – слика која како да не врати во златните времиња кога девојките ширум светот „коси кубеа“ по големите ѕвезди.
Тој ја прими наградата за откритие на годината, а на сцената на „Златна бубамара“ ја отпеа песната со која засекогаш излезе од анонимноста – Red! За да не ги остави неговите обожаватели со само една отпеана песна, тој го придружуваше и раперот Тони Зен на сцената, кој инаку ја доби наградата за најдобар спот за песната „Под контрола“.
Вечерта исполнета со смеа, солзи и многу болка во стомакот, ја отвори легендарниот Драган Каранфиловски Бојс кој најзаслужено ја доби наградата за трајни вредности и на Македонија уште еднаш и покажа дека е еден од најдобрите пејачи и композитори во нашата земја. Како увертира за неговиот настап, послужија неговите најубави детски песнички отпеани во живо на сцената на Универзалната сала.
Сите присутни во салата, оваа година навистина се чини дека посветиле време и внимание на своите одбрани комбинации. Без сомневање, кралица на вечерта беше прекрасната Северина која се појави во неверојатно добра тоалета во црна боја и со милион мали светкави парчиња. Таа крадеше воздишки кај сите присутни, а особено кај Сашко Коцев и Игор Џамбазов, кои не ја пропуштија шансата и успеаја да ја бакнат и да честитаат дури неколку пати за наградите што ги доби – награда за најдобра пејачка, најдобар албум и најдобар концерт на Балканот.
Подеднакво светски изгледаше и прекрасната Катарина Ивановска која на сцената се појави во црн фустан на дизајнерот Мартин Мејсон Марџела, чевли на Лубутан и насмевка од милион долари. Таа им ја додели наградата на младите актери од Театарот комедија, Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски – Тино, кои приредија кусо уживање за присутните со што апсолутно ја оправдаа наградата.
„Главата цело време ја потпирав на столчињата за да не ми се размачка шминката од смење. Сашко секогаш е духовит и знае тоа на најдобар начин да го претстави пред нас.Одлично!“- задоволно открива светскиот модел Кики.
Во виолетова гламурозна макси тоалета со висок шлиц од модната куќа „Елена Лука“, се појави и Сара Мејс која на сцената ја прими наградата за млада и перспективна пејачка, на која дефинитивно може да и се предвиди блескава кариера.
„Наградата беше максимално неочекувана. Јас навистина не знам како да им се заблагодарам на одговорните. Наградата за млада перспективна пејачка ќе ми биде поттик за понатаму. Вечерва носам креација од моите најсакани, модната куќа „Елена Лука“. Сакав тоалетата да биде долга и со шлиц, бев скромна во желбите, а останатото им го препуштив на професионалници кои одлично си ја завршија работата“, вели пејачката, која дефинитивно ги собра симпатиите на публиката не само со своите вокални квалитети, туку и со изгледот.
Меѓу дамите што вчеравечер оставија навистина огромен впечаток, беше и прекрасната Ирена Спировска за која како времето да е застанато некаде низ годините. Таа на сцената ја подигна наградата за најдобра музичка емисија за нејзината „Еден бакнеж“. Водителката на сцената се појави во елегантна, долга, виолетова тоалета.
„Како и секогаш од вечерашнава Бубамара очекувам многу смеа, многу добра забава, одлично сценарио како и секоја година, едно дефиле на сите јавни личности кои што оставија свој печат во 2013 година и една забава буквално за сите и за оние кои што се во публика, но и за оние коие ќе се најдат на сцената, ни кажа Ирена.
Од овој тип на жени, никако не смееме, а да не ја споменеме и секогаш прекрасната Светлана Црнокрак која следејќи ги трендовите, вчеравечер уживаше во “Златната бубамара“ во прекрасен црн костим во комбинација со одлична шминка и фризура.
„ Па Бубамара знае секогаш пријатно да не изненади, почнувајќи од Сашко Коцев кој што одлично го прави тоа. Останува да видиме, очекуваме нешто интересно како и секогаш, секоја година има нешто ново така и овој пат, да се насмееме да се опуштиме да се релаксираме. Јас носам нешто измеѓу елеганција, црна блузичка со светки, бела бунда од Астибо на кои што им бев заштитно лице и тесна црна панталона“, вели шармантната Црнокрак.
Во публиката можеа да се видат и голем број познати дами, кои внимателно ја следеа секоја шега на единствениот Сашко Коцев. Меѓу нив се најде и градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец која својата прва статуетка ја доби пред цели 17 години.
„Бубамара во континуитет веќе 17 години расте, созрева, зрее, јас имав прилика да бидам една од наградените на првата Бубамара пред 17 години, така што секоја година сакам да сум дел од Бубамара, па макар и во публика, бидејќи навистина и да сте во публика се чувствувате почестени. Јас вечерва носам модно парче од „Елена Лука“ во комбинација со нешто мое. Во секојдневието за мојот стајлинг си се грижам сама, соработувам со „Елена Лука“ кога имам ваков тип на настани каде што треба да изгледам порепрезетативно“, изјави на fashionel.mk актерката и актуелен градоначалник, Билјана Беличанец.
Конечно, можеме да посочиме дека вчерашната „Златна бубамара“ беше вистинско олицетворение на она како треба да изгледа еден вистински настан од овој калибар. Сите гости што вчера имаа можност да ја проследат имаа одлични комбинации што сосема одговараа на приликата, но и такви кои му се препуштија на полежерниот елегантен стил.
Фолк пејачката Зуица Лазова пристигна заедно со својот сопруг Наум Петревски, облечена во спортско-елегантен стил, за кој вели е дека е нејзин избор.
„Јас очекувам и оваа година да се забавуваме супер. Вечерва сум во спортско елегантен стил по мој избор, а кога сум на емисија „Зајди, зајди“, морам да изразам голема благодарност до Мила Кадриу“, рече Лазова.
Низ толпата не можевме, а да не ги забелжиме и пејачката Дани Димитровска која беше во придружба на својот партнер познатиот тапанар Горан Михајловски.
„Не знам што да очекувам од вечерашнава Бубамара, во принцип знам дека ќе биде забавно како и секоја година. Вечерва носам парчиња направени по мерка и накит од брендот P.S. Fashion, а за мојот изглед генррално се грижи Даниел Николовски шминка и фризура, а за облеката P.S. Fashion и Александра Митковска“, ни откри пејачката.
И уште една дама која веќе долги години е дел од јавниот телевизиски сервис, Миланка Рашиќ, која ја става удобноста пред се, барем кога е изгледот во прашање.
„Бубамара е секогаш најубава журка на светот, сите драги луѓе ги гледам еднаш во годината на едно место собрани, а тоа е на Бубамара. Наградите со тек на време станаа навистина релевантни во цел регион, ама најважно е тоа што секогаш има изненадувања, секогаш има некои необични дуети, има фантастична свирка во живо, има ѕвезди, има магија, пред се мислам и на сашко Коцев и на Ранко и на Бубамара тимот кои што се едноставно ненадминливи во тоа колку се духовити и и колку актуелни и секогаш има чувство кого да покани мислам на музичките ѕвезди од Македонија и странство, а тоа да биде полн погодок. Сметам дека вечерва треба во публиката сите да бидат облечени така, како што ќе се чувствуваат најудобно. Ова не е Виенски Бал, ова е Златна Бубамара, ова се драги луѓе на едно место, се доделуваат награди, но меѓутоа и сите се дружат и се смеат и мислам дека нема потреба од долги свечени тоалети“, рече Рашиќ.
Заврши уште една манифестација на „Златна Бубамара на популарноста“, која помина во знакот на непредвидливата сатира, пристојниот хумор, наградите, аплаузите и нормално ѕвездата на Икс Фактор Даниел Кајмаковски. Нам ни останува да ги сублимираме модните впечатоци и со нетрпение да ја чекаме наредната 18-та Бубамара која секако ќе ни донесе нови комични изненадувања.