По рекордно распродадениот концерт во ВИП Арената „Борис Трајковски“, Стинг повторно се враќа во Скопје на спектакуларен концерт на градскиот стадион на 02 – ри јуни.
Концертот е дел од турнејата на музичката легенда насловена како „My songs“, а во Скопје ќе испее дел од најпопуларните песни од неговата соло кариера и дел од оние од времето на „The Police“.
На денешната прес конференција организаторите „Авалон“ истакнаа дека останале уште мал број карти за концертот за кој ќе кажат дека е најамбициозен проект на продукцијата досега, не вбројувајќи ги оној на Џејмс Браун и Карлос Сантана.
Специјален гостин на концертот е македонската музичка легенда Влатко Стефановски, кој на 2 – ри јуни ќе настапи со неговото трио сочинето од синот Јан Стефановски и за него, неверојатното откритие од Струмица, Иван Кукиќ.
За време на неговиот едночасовен настап, виртуозот истакна дека и тој ќе испее дел од неговите најпознати песни и дека веќе напорно работат на средување на репертоарот.
На шега, додаде и дека за времето што го имаат мора да дадат три гола на домашен терен, а со оглед на неговата неверојатна кариера и исклучителни песни, во тоа воопшто и не се сомневаме.
Тој воопшто не ја криеше возбудата што ќе настапи пред музичката легенда, а рече и дека се надева дека тој ќе има и малку време за да се запознаат. Иако досега имале заеднички соработници со кои и Стефановски настапувал, никогаш не се појавиле заедно на сцена, па оттука и возбудата е поголема.
Подеднакво возбудени се и неговиот син и младиот Иван кои се дел од Влатко Стефановски трио, како бран свежина и нов софтвер за виртуозот.
Она што мора да го споменеме, а го посочија од продукцијата е тоа што Стинг ќе настапи на иста сцена како онаа во ЕГЗИТ, што уште еднаш говори за тоа колку овој концерт ќе биде спектакуларен. Токму оттаму, неколку дена претходно доаѓа и комплетната продукција за сè да биде навремено и соодветно наместено за настапот на 67 – годишната музичка легенда.
Бобан Милошевски од Авалон информираше дека можеме да очекуваме публика од околу 20 до 30 илјади, бидејќи овојпат нема гратиси, а влезниците се во ограничен број.