„Свето, Трето. Женско!“ за афирмација на жените во домашната кинематографија

6 февруари 2015

Вчеравечер во кино Фросина во рамките на Младинскиот културен центар, имавме можност да уживаме во проекциите на три краткометражни филмови на три млади и амбициознин македонски режисерки: Ана Јакимска, Косара Митиќ и Марија Апчевска.

Краткиот филмски маратон беше организиран како дел од програмата на настанот „Свето, Трето. Женско!“, зад кој застанаа неформалното женско друштво Тiiiit! Inc. и култниот радио канал 103-ка.

DSC_6678

Основната цел на настанот беше промоција на жените кои активно учествуваат во кинематографската индустрија во Македонија, кои процентуално иако се помалку застапени, сепак стануваат се погласни и повлијателни во својата професија.

Поделени во три различни филмски жанрови: хорор, комедија и драма, филмовите „Надвор е ладно“ на Ана, „Намини бар еднаш“ од Косара и дипломскиот „Бардо“ на Марија, предизвикаа и интересна дискусија помеѓу публиката и гостите, режисерот Игор Иванов-Изи и авторката и професорка на Институтот за етнологија и антропологија, Илина Јакимовска.

„Секој од овие филмови е приказна сам за себе и тешко е да најдам нзс освен дека го правеле жени“, дискутираше Изи укажувајќи на тоа дека симболиките користени во овие филмови се поедноставни од зборовите и се општо познати, со оглед на тоа дека забележително за сите три беше отсуството на дијалог.

Професоарката Јакимовска се надоврза со констатација, после вакви филмови, дали воопшто има потреба да правиме долги и можеби досадни филмови.

Генералниот впечаток и на публиката беше дека селектирањето во кинематографијата никогаш не треба да се прави врз основа на пол, туку дека постојат добри и лоши филмови. Женски филм, апсолутно не алудира на филм што го режирала жена, туку се однесува на неговата содржина. Па така, во историјата на светската кинематографија сведоци сме на одлични женски филмови режирани од мажи и обратно, фантастични машки филмови што ги режирале жени.

„Статистиката на светско ниво вели дека само 16% од сите активни филмски режисери, продуценти, писатели, кинематографери и монтажери денес се жени. Од друга страна, за прв пат во историјата на иднината на македонската кинематографија, класата по филмска режија на ФДУ во Скопје е женска класа. Дури 4 од 6 студенти се девојки, кои за пар години ќе им се придружат на 5те филмски режисерки кои таму дипломираа во изминативе 5 години. Сите умни, смели женски со уникатен поглед на светот и автентично толкување на тоа што е филм. Прават добри филмови и собираат награди по меѓународни фестивали.
Филмската режија во Македонија ја доживува својата женска ренесанса. И тоа вреди да се одбележи!“, велат организаторите.

„3“ е важен број, исто како што на овие девојки им е важно и ПРВО ПА ЖЕНСКО, па благодарение на добрата волја на сите учесници во нив, овие настани ќе бидат прилика за „fund raising“ за ТРЕТОТО издание на фестивалот што ќе се одржи од 06 до 08 МАРТ во МКЦ.

 

Објавено:
6 февруари 2015
Категорија: 
Култура