Театар Комедија: Лисистрата поентираше со овации

22 декември 2014

Ние жените,

ако сакаме мажите,

на мир да ги принудиме,

мора план да смислиме,

Ние жените,

Ако сакаме мажите,

На мир да ги принудиме,

Мора да се воздржиме...

Ова беа стиховите со кои „Лисистрата“ вчеравечер блесна на сцената на Театар Комедија. Главната улога и беше доделена на актерката и актуелна директорка на културната институција Јелена Жугиќ, а режисерката палка ја имаше Наташа Поплавска, музиката беше на Огнен Анастасов, костимографијата на Елена Лука, а кореографијата на Олга Панго. Претставата која беше комплетно во кабаре – стил, „зачинета“ со многу пеење, танцување и играње е по текст на Аристофан, а покрај Жугиќ на сцената ги видовме и останатите членови на семејството на Театар Комедија. Беспрекорни, разиграни, динамични, комични, младите актери одлично и парираа на Жугиќ која заради одличната изведба, публиката ја награди со многу овации, аплаузи и бисови.

„Значајно е да се биде инспирација за еден ваков проект. Веројатно тоа е една точка во кариерата која што значи врв на истата. Кога ќе станете нечија инспирација и кога ќе ја оправдате таа инспирација, значи Наташа Поплавска во мене ја виде Лисистрата многу пред јас да ја видам. Јас некако познавајќи си ги обврските, многу малку луѓе знаат што значи да се менаџира театар и притоа да се игра, меѓутоа и поверував на Наташа и направивме една наша „Лисистрата“. Го користевме текстот на Аристофан, меѓутоа направивме нови сцени, направивме кабаре, од текст напишан 500 години п.н.е“, рече по завршувањето на премиерата, Јелена Жугиќ.

На премиерата присуствуваа голем број личности кои се дел од нашето културно живеење. Ја искористивме приликата да ги прашаме за првичните импресии од театарскиот проект.

„Морам да кажам дека јас уживав исто така како што уживаше и публиката вечерва. Драго ми е што сите заедно уживавме и со публиката и со актерите на сцена и со сите оние чинители кои ја направија претставата токму таква, каква што треба да биде“, изјави режисерката Поплавска.

„Уште една претстава на Театар Комедија, која што ќе се гледа многу, целата е сочна убава, распеана, разиграна, има хумор, добра, одлична претстава“, сподели Дац.

„Супер претстава, се смеев цела претстава, што е и препознатлив печат за овој театар конкретно. Интересна, динамична, кабаре претстава која е мошне сочна. Би сакал да ја пофалам костимографијата, одлична е, секоја чест на дизајнерскиот тим од модната куќа Елена Лука. Ми се допадна и музиката, уживав навистина“, изјави модниот дизајнер Роберт Ивановски.

Со овој музичко – сценски проект, Театар Комедија успешно ја завршува 2014 година.

 

 

Објавено:
22 декември 2014
Категорија: 
Култура