Томаж Пандур: Животот е подраматичен од било која претстава

12 април 2016

Јавноста во регионот денес ја потресе веста за ненадејната смрт на познатиот словенечки режисер Томаж Пандур. По силен срцев удар, за време на пробите во МНТ, каде се подготвуваше претставата „Кралот Лир“, во 52-та година од животот, почина Пандур.

Томаж Пандур е роден во Марибор 1963 година. Дипломира режија во Љубљана во 1989 година, а година дена подоцна ја прави првата професионална претстава насловена „Шехерезада“, која му носи бројни награди.

Истата година, кога Томаж има само 26 години, станува директор на Драма во „Словенско народно гледалишче“ во Марибор, што му носи и светски углед. Секоја година, седум години за ред, секоја сезона поставува по една своја претстава: Од „Фауст“ на Гете и „Хамлет“ на Шекспир, па сè до трилогијата „Божествена комедија“. Претставите ги осмислува мошне естетизирано, спектакуларно, што на гледачите остава силен визуелен впечаток. Познат е по тоа што примени и нов начин во работата со актерите, што привлече многу спонзори, но и колеги и режисери.

Во текот на неговиот мандат во Марибор режираат и Паоло Магели, Јануз Кица, Едуард Милер и Дамир Златар Фреј, што овој култен, но по малку запуштен театар го претвори во значајна театарска метропола, а во 2012 година, Марибор стана и „Европски град на културата“.

Во текот на животот му се отвора и портата кон светот. На 33-годишна возраст ја напушта Словенија и заминува да работи во Њујорк, а потоа и во Хамбург и Мадрид. Преку своите претстави, Томаж Пандур гостува во Аргентина, Колумбија, Венецуела, преку Русија, Италија, Данска, па сè до Кореа.

Неговата работа е многупати наградувана, како во Сараево, Белград, така и во Мексико и Буенос Ариес.

Со неговата продукција „Pandur Theatres“ создава клучни проекти како „Фауст“, „Хамлет“, „Кармен“, „Божествена комедија“, „Руска мисија“, „Бабилон“, опера на Горан Берговиќ „Тишина Балкана“, „Хазарски речник“, „Tesla Electric Company“, „Калигула“ (за Ulysses театар), „Војна и мир“.

На листата на соработки требаше да се најде и најавената соработка со Македонскиот народен театар „Кралот Лир“, која својата премиера требаше да ја доживее во август годинава.

Инаку, Пандур со претставата „Медеја“ на ХНП, во 2014 беше дел од Меѓународниот театарски фестивал во организација на МНТ.

Во чест на големиот режисер, во продолжение вадиме извадоци од неколку негови интервјуа, каде зборува за уметноста, театарот, животот...

На изненадување на многумина, тој во 2013 прифати и да биде арт директор на концертната регионална турнеја на Северина „Добродошао у клуб“.

Зошто одлучивте да ја прифатите улогата на арт директор на турнејата на Северина? Свесни сте дека со тоа ќе се најдете на удар на одредени театарски душегрижници , кои ќе кажат дека сте го издале театарот и уметноста...

-Никогаш порано не сум режирал концерт, не сум работел на тој „жанр“, па овој проект за мене беше предизвик. Мислам дека во денешно време сите жанрови се преплетуваат. Денес веќе не може да се зборува за сегменти на театарот одделно. Прекрасно е да се истражува! Да се истражи некој нов жанр или дури и да се измисли некој нов жанр. А за коментарите, тоа се предрасуди што не ме интересираат и немам намера да полемизирам. Режисерот Сем Мендес режираше и концерти и мјузикли, па поради тоа не беше помал режисер. И Гај Ричи режира и реклами и видеоспотови и не стана помал уметник поради тоа. Мислам дека е крајно време луѓето да престанат да бидат робови на предрасуди. А секоја предрасуда се раѓа од страв и загрозеност од некој друг и поинаков. Но, тие луѓе не треба да се обвинуваат поради предрасудите. На нив треба да им се помогне да се ослободат.

Генерално, работите по една претстава годишно. Зошто имате таков ритам?

-Затоа што сметам дека е најхигиенски, најздраво да се работи еден проект, една мисла која те води и за која живееш во тој ритам. Моите претстави бараат долготрајна аналитичка подготовка, навлегување во материјалот, барање на референци. Почетокот на работата со актерите за мене веќе значи дека половина од годината со подготовки е одработена.

Прифаќате ли сугестии од актерите?

-Секако дека да. Мојот театар се базира и раѓа на креативна интеракција.

Кариерата Ви започна нагло, со неверојатна брзина. Колку тој брз успех, од речиси неполна година, беше шок за Вас?

-Тоа беше сплет на околности за кој јас немам некои заслуги. Едноставно така се случи. Од друга страна пак, јас секогаш бев брз во размислувањата, сфаќањата и донесувањето одлуки.  Мене ми се случи тоа и му благодарам на Господ, затоа што тоа ме означи и како автор и како личност.

Успехот дојде како стимуланс или одговорност да останете на исто ниво?

-Мене секогаш ми зборуваа дека поголема и подобра претстава од онаа на која во моментов работам, нема никогаш да направам. Секогаш ми зборуваа дека ќе ми се случи синдромот на Орсон Велс, кој на 26 години го направи „Граѓанинот Кејн“, неговиот прв и најдобар филм. Но, јас на тоа никогаш не обрнував внимание. Секогаш тргнувам од комплетен почеток, од тотална нула, со сите стравови и незнаење. Така успевам да се прочистам, да влезам во нов проект сосема растоварен.

Вистина ли е дека Раде Шербеџија го имал пресудното влијание врз Вас да почнете да се занимавате со театар и дека поради него се вљубивте во театарот?

-Да. Првпат го видов како дете кога го играше својот легендарен „Хамлет“ на „Дубровачке летње игре“. Морам да кажам дека поради неговата виртуозна глума се вљубив во театарската магија. Да се види и чуе тогаш Раде Шербеџија како „Хамлет“ за мене беше врв над врвовите.

Имате поинаков поглед на театарот, редикално поинаква естетика. Кога сфативте дека така сакате да ги работите претставите?

-Доаѓам од сликарско семејство и прво се занимавав со сликарство. Театарот е визуелна уметност, визуелна измама. Театарот каков што го работам е жива слика во одредено време и простор. Јас произлегов од сликарството и природно ми е да работам во таква форма на театар, каде сликите се создаваат во живот, каде целиот свет и сите соништа можат да се остварат. Ноќе сонуваш, наутро пробуваш, а навечер е претставата. Кога сфатив? Не знам, веројатно тоа отсекогаш било во мене....

Каков е односот на Томаж Пандура кон театарските институции?

-Влегувам во нив без страв со желба да ги сменам!

За Вас велат дека сте безкомпромисни во замислите. Направивте ли некогаш некој компромис?

-Да, секако. Театарот е креативен процес и мудроста на создавање во театар е во прифаќањето на сè. Можеби секогаш ги немаш најдобрите актери на светот, но имаш луѓе кои „согоруваат“ за твојата идеја и како режисер мораш да ја препознаеш и да ја водиш целата ситуација. На актерот мораш да му овозможиш да го изрази она најдлабокото во себе. Не да ја одигра, туку да ја проживее улогата. Мислам дека тоа е суштината на режисерската работа.

Како се чувствувате после премиера, кога ќе се разбудите и кога ќе видите дека повторно сте во сурова реалност, во сиво секојдневие?

-Грозно, ужасно грозно, затоа што ние режисерите сме како јогурт. Со премиерата ни истекува рокот на траење...

Колку животот Ви наликува на театарска претстава?

-Ни малку. Животот е сепак возбудлив и подраматичен од било која претстава.

(novosti.hr, 2013)

Со своите претстави неколкупати гостувавте на „Охридско лето“ и на МНТ-фест, но ова е првпат да режирате претстава во македонски театар?

- Многу сум возбуден што можам повторно да дојдам во Македонија и да работам претстава. Ова ми е прва претстава што ја работам тука, но отсекогаш сакав тоа да го направам. Тука секогаш сум чувствувал блискост, некоја хемија, врска, а гостувањата тоа само ми го потврдуваа.

Зошто „Kрал Лир“?

- Сакав да работам во Македонија, но долго чекав тој сон да се оствари. Најважно за изборот е што претставата е на тема за која е важно да се зборува, ем годинава е Шекспирова година. За темите од „Kрал Лир“ денеска може да се зборува дури и повеќе отколку во времето во кое биле напишани. Темата се однесува на сите нас. Наликува на бајка, но ако се одземе таа бајковитост, тоа е сурова драма, приказна за семејството, во која можеме да препознаеме работи што и тоа како нè засегаат денес. Денес претставата зборува за декаденцијата на Европа и новите просторни поделби, за работи што многу нè интригираат и нè возбудуваат.

(maticanaiselenici.com)

Каква е поетиката на театарот на соништата? Пред Вас, таква театарска форма и не постоеше...

-Тоа е неконцептуално поле на комплетна слобода. Тука човекот може да пишува правила, да создава свет на кој може да му верува. Тоа е, во институционална смисла, најслободната форма на театарот која може да се прилагодува на секој проект посебно. И не постои  ништо што тој креативен импулс би го ограничувал. Тоа е театар како што јас го замислувам: како мисла во движење, во акција. Често зборувам дека театарот е поле за постојано обновување и тоа секојдневно. Брзината на театарот е тоа што најмногу ме возбудува. Од ден во ден, од претстава во претстава, тек што не запира...

Трагајќи за некои стари, ги пронајдовте ли денешните ловци на соништа?

-Ловците се секаде околу нас, како и ангели, но потребно е не само да се гледа, туку и да се види; потребно е да се почувствува, препознае.

(vreme.com, јули 2002)

Објавено:
12 април 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
863 пати