„Убави сме, свои сме“ – гласно порачаа лицата со попреченост на традиционалната модна ревија во Струмица!

2 декември 2019

Убавината не познава форми. Таа е суштина, искра, насмевка, добрина и е посебна, различна и неповторлива.

Убави сме затоа што сме свои!

Токму во оваа порака е моќта на настанот „Убави сме, свои сме", што веќе традиционално по трет пат и годинава во Струмица го организираше Здружението за поддршка и помош на лица со даунов синдром „Вера".

Концепиран како модна ревија, настанот годинава вклучи 30-тина дечиња и лица со попреченост, кои беа придружувани од личности од јавниот, културниот, политичкиот и општествениот сектор, што со своето несебично ангажирање гласно порачаа дека сите ние сме дел од едно исто општество и ист свет, а со тоа ни следуваат еднакви можности!

Сите блескаа со посебна енергија и искрена радост кои треба да ни бидат потсетување за меѓусебното прифаќање, почитување и препознавање на различноста како нешто што нè прави единствени, а истовремено нè сплотува.

Ревијата ја отвори Вера, малата принцеза која со себе носи верба, глас и надеж за подобро утре и чие име всушност го носи Здружението – организатор на настанот.

Таа модната ревија ја отвори во впечатлива, бајковита креација во моќна црвена боја, дизајн на општествено одговорниот моден бренд Елена Лука која е препознатлива и по својата хуманитарна работа. Вера беше придружувана од талентираната млада балерина и пејачка Вања, која исто така тематски ја следеше Вера, во исто толку уникатна „принцеза" креација на Елена Лука.

Следуваше модно шоу што по својота карактер и мисија е бесценето, а секој од учесниците го заслужува нашиот наклон и аплауз!

Во пресрет на утрешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост, ви пренесуваме дел од атмосферата.

Објавено:
2 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.220 пати