Утре стартува седмата Недела на дизајнот во Скопје

21 ноември 2017

Седмото издание на Неделата на дизајнот во Скопје ќе започне утре. Во текот на пет дена, посетителите ќе имаат можност да посведочат и да уживаат во иновативни производи и услуги од дизајнери и врвни брендови од цела Европа, пропратено со пријатна музика, корисни предавања, работилници за деца и возрасни, вкусна дизајнирана храна...

Унгарија, каде се создадени пенкалото познато како „биро“ (Ласло Биро, 1938), Рубиковата коцка (Емо Рубик, 1975) и Нојмановата архитектура што е основа на сите модерни компјутери (Јанош Нојман, 1945), е земјата во фокусот на годинашното издание, кое ќе трае до 26-ти ноември.  

„Обликување на Унгарија - дизајнот во 21. век“ е изложба која ќе се одржува во рамките на Неделата на дизајнот во Скопје, со која ќе се претстават 25 современи млади индустриски дизајнери, инoватори и инженери, кои на најдобар начин потврдуваат дека се потомци на генерацијата од 20. век која ги постави темелите на унгарската креативност.

Генерациите кои пораснаа во Унгарија по промената на политичкиот систем во 1989 се поконкурентни на меѓународниот пазар благодарение на високото ниво на образование, како и на зајакнувањето на екосистемот на креативната индустрија и иновативноста, освојувајќи  простор во сѐ повеќе области, а унгарските пронајдоци, патенти и индустриски дизајни  постигнаа голем успех во целиот свет.

Унгарија - земја во фокусот

Во Скопје, меѓу другите,  се претставува еден од меѓународно најуспешните дизајнерски продукти Архикад (ARCHICAD) развиен од Графисофт (Graphisoft), архитектонски софтвер што го користат над 100.000 архитект во светот, како и биоархитектонските структури  Калтропе (Calthrope), гарстрономскиoт дизајн на  Апли дизајн (Apli Design) и медицинскитe помагала за инхалација за деца на Ко&Ко дизајнкомјуникејшн (Co&Co Designcommunication).

Co&Co Designcommunication

„Дизајнерите играат клучна и незаменлива улога за да ги разбереме промените во нашата природна околина и начин на живот, со откривање на процесите што произлегуваат од врските помеѓу технологијата и бизнисот. Тоа е можност за креативните умови и професионалци и одговорност на носителите на одлуки да ги препознаат интересите и потребите на поединците и заедниците. Улогата на дизајнот е да генерира процеси, услуги и ситуации кои можат да донесат одржливи резултати за да го подобрат нашиот животен стандард. Тоа е неопходно глобален процес кој ја допира и Унгарија, и токму тоа се одразува во оваа изложба. Ги претставува извонредните достигнувања на современите унгарски дизајнери, кои не само што даваат одговори на предизвиците на нашето време, туку и покажуваат дека новите генерации дизајнери се добро подготвени да преземат проактивна улога во процесите што ја дефинираат и обликуваат нашата иднина“, вели  професорот Јожеф Филоп, ректор на Универзитетот за арт и дизајн „Мохољи-Наѓи“ и член на Унгарскиот совет за дизајн.

Calitrope

На 24 и 26 ноември, на презентациите во Јавна соба своите искуства и иновативни дизајнерски проекти и продукти ќе ги претстават 6 врвни современи дизајнери од Унгарија.

Во чест на Денот на Унгарија, 26 ноември, концерт ќе има унгарскиот бенд „Михаљи Борбељи Балкан џез проект“

Свеченото отворање на седмата недела на дизајнот во Скопје е закажано утре, со почеток во 20:00 часот, со перформансот  на српскиот квартет „Артан Лили“ од Белград. Групата што се одликува со препознатлив и заразен ноиз-поп звук, одличен визуелен идентитет и текстови кои се ангажирани, нежни и разбирливи, постои од 2013 и има еден албум.

Apli Design Bocusedor

Сите активности на Неделата на дизајнот се отворени во Јавна соба секој ден од 8:00 до 01:00 часот, а влезот е слободен.

Проектот земја во фокус е во соработка со амбасадата на Унгарија во Скопје.

Повеќе инфо за Унгарија како земја во фокусот на Неделата на дизајн во Скопје 2017 ги има на линкот ТУКА.

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн.

Објавено:
21 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
98 пати