Во октомври излегува новиот албум на Пинк Флојд

8 јули 2014

После пауза од цели дваесет години музичката група Пинк Флојд во октомври ќе издаде нов носач на звук, насловен „The Endless River“. Последниот музички албум со потписот на овие легендарни музичари беше издаден во 1994 година, антологискиот „The Division Bell“.

Поли Самсон, сопругата на Дејвид Гилмор на својот Твитер профил ја сподели среќната вест за сите обожаватели на неверојатните Пинк Флојд. После пауза од цели две децении бендот наесен, поточно во октомври месец ќе го издаде новиот албум насловен „The Endless River“. Новиот материјал ќе се базира на снимките од 1994 година кога го промовираа нивниот тогашен албум „The Division Bell“. Во тоа време заедно со бендот беше и познатиот Ричард Врајт, кој е и еден од основачите на оваа музичка група, а кој почина во 2008-мата година.

Оригиналниот звук на албумот требаше да биде комплетно во инструментална верзија, но Дејвид Гилмор кој е еден од водечките вокали, реши да ја покани пејачката Дурга Мекбрум Хадсон да биде пратечки вокал на неколку песни. Имено, Дурга не е случаен избор. Таа беше заедно на турнеја со Дејвид Гилмор и Пинк Флојд во 1994 година кога го промовираа новиот албум „The Division Bell“. Исто така медиумите објавија дека голема е веројатноста бендот повторно да замине на турнеја за да ги промовира новите песни, вест која беше прифатени со големи овации и возбуда од страна на фановите на овој легендарен бенд. Само што овој пат музичката приказна нема да биде цела, бидејќи ќе недостасува Роџер Вотерс. За овие изјави сè уште нема официјална потврда од страна на Пинк Флојд.

 

Објавено:
8 јули 2014
Категорија: 
Култура