Од 13 до 15 јуни во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи првиот Саем на современа уметност - Паратисима. Иницијативата за настанот потекнува од Торино, каде што оваа година саемот се одржува по 10-ти пат, а првото издание во Скопје е под името „Поврзувања“.
Паратисима е настан кој ја промовира уметноста и креативноста во сите нејзини форми, па токму затоа ќе им се отстапи квалификуван простор за учество на уметници, креативци, фотографи, сликари, писатели, режисери, стилисти, емергентни и афирмирани уметници кои сакаат да експериментираат во динамична средина и пред широка публика.
Во Торино, Паратисима го поддржува учеството на стотици уметници и креативци од цела Италија и светот, кои за време на одржување на настанот го исполнуваат градот со своите дела и придонесуваат кон создавање на празнична, енергетска и креативна атмосфера.
Во 2013 година, Паратисима регистрираше 119.510 посетители и учество на 606 автори во периодот од петдневното времетраење на настанот. Иницијативата промовираше 58 уметнички проекти и го анимираше градот со повеќе од 100 музички иницијативи. Од 2012 година, Паратисима се води како најпосетен настан поврзан со современата уметност, на територија на Италија.
За посета на Паратисима не се наплаќа билет. За учество во фестивалот не постои пред-селекција, но на крајот на настанот ќе бидат селектирани 10тина автори коишто ќе имаат можност да ги прикажат своите дела на Паратисима во Торино, ноември 2014 година, со што на македонските автори ќе им биде дадена можност за презентација надвор од државата и канал за размена на уметност, креативност и идеи помеѓу овие две држави.
Отворањето на Паратисима е закажано за 19 часот.