Веста за смртта на српскиот актер Драган Николиќ, утринава одекна на балканските медиуми. Во 73-тата година од животот, Николиќ ја изгуби битката со долгата и тешка болест на дебелото црево. Трагичната вест, како пренесуваат српските медиуми, низ солзи ја потврди и сопругата, Милена Дравиќ.

Инаку, Милена и доајенот на српскиот филм беа во складен брак 45 години. Се запознаваат на снимањето на филмот „Хороскоп“ на Бора Драшковиќ во 1969 година. Од дружбата постепено се раѓа љубов, која е крунисана со брак на паузата на снимањето на новогодишната програма „Како се воле две будале“ од 1971 година. Инаку, двојката најмногу ја паметат и по заедничкото водење на забавната емисија „Образ на образ“.

Роден е на 20-ти август, 1943 година во Белград. По завршувањето на основното училиште се запишува во 14-тата белградска гимназија, која не ја завршува, бидејќи ќе биде преместен во економско училиште.

Две години подоцна, 17-годишниот Драгослав (неговото вистинско име), како најмлад студент запишува Академија за театар, филм, радио и телевизија. Дипломира на Факултетот за драмски уметности во Белград.

Драган Николиќ, претставник на белградскиот шарм и шармери, во малдоста е рели возач и голем љубител на глисери. Како момче обожува да шета на Ада Циганлија, вистински вљубеник во природата, каде го наоѓа својот мир и каде бега од стварноста.

Списокот на негови улоги е прилично долг, а трагата што ја остави во српската кинематографија и театарска сцена е и повеќе од значајна.

Првата улога на филм ја добива во 1964 година во филмот „Право стање ствари“, а година дена подоцна во одјавната шпица на серијата „Довољно је ќутати“, наместо полното име е ставено – Драган Николиќ – што му остана за цел живот.

Првата пак, значајна улога ја остварува во филмот „Када будем мртав и бео“ од 1967 година, за која е награден на фестивалот во Пула, следната година. 

Ќе се паметат неговите улоги во филмовите „Национална класа“, „Ко то тамо пева“, „Сезона мира у Паризу“, „Нешто измеѓу“, „Балкан експрес“, „Обеќана земља“, „Последњи круг у Монци“ и многу други...

Помладите генерации го паметат и по бројните улоги во телевизиските серии. Особена популарност му носи ликот на Прле од сериите „Отписани“ и „Повратак отписаних“.

Познат по тоа што не сака многу да зборува за својата интима, во текот на животот не дава многу интервјуа. Тој е и еден од оние хуманитарци што никогаш јавно не зборуваат за своите подвизи, а помогнале безброј пати.

Долги години се бори со карцином на дебелото црево. На неколку наврати, неговата состојба се подобрува, но потоа повторно истото.

-Не можам повеќе да се мачам, немам сила да се борам. Знам дека секако ќе умрам. Само сакам да заминам достоинствено. Сакам народот да ме памети како големиот Драган Николиќ, а не како болен старец кој умира во маки – изјави актерот пред неколку години кога неговата состојба беше критична и забрани деталите за неговата болест да се изнесуваат во јавност.

Во чест на оваа актерска легенда, пренесуваме дел од неколку интервјуа, каде Николиќ зборува за неговиот живот и за она каков е тој.

Како дете, со врсниците лутате по „Црвени крст“ (населбата во која е роден), а првиот актер што го гледате во живо е Бата Живојиновиќ. Го следевте до дома и назад до театарот, па дури се обидовте и да го имитирате. Точно ли е тоа?

-Секако. Тој навистина беше  прв во таа некоја „завера“, бидејќи ние сè тајно работевме. Се кривме, го следевме, го чекавме во „заседа“ за да го видиме. Така, тој нè донесе до „Београдско драмско позориште“, каде Бата и почна како млад актер. Ѕиркавме низ прозорците, гледавме што се случува во салонот, ги гледавме глумците во костими, со шминка, се трудевме да ги препознаеме, чекавме пред тератарот. Бата беше човекот со кој тогаш сакавме да се идентификуваме. Тој во тоа време, се надевам нема да се налути, беше не само актер, туку и вистински мангуп што ние сакавме да го следиме.

Од театарот „Бошко Буха“ преку „Београдско драмско позориште“ стасавте и до „Ателје 212“. Пред тоа малку се занимавате и со кошарка, а посебно интересен е Вашиот приемен испит. Го подготвувавте монологот од едно дело на Тенеси Вилијамс и некаква рецитација. Одеднаш почнавте да пеете, позната песна од тоа време на Адријан Ќелентан. Како се случи тоа?

-Тоа е историско пеење на Академијата на приемен испит, а подоцна и на филм, што беше судбински врзано за мене и има некоја симболика. Имав огромна желба да успеам на приемниот. Ништо во тоа не можеше тогаш да ме спречи. Влегов во најтесниот избор и немаше дилема, одлучив: што и да ме прашаат, ќе им кажам дека знам, дека сè знам и нема нешто што не знам. И професорката ме праша дали знам да пеам. Секако дека знам, одговорив. Скокнав на една маса и со замислена гитара во рацете почнав да „свирам“ и да викам како тешка будала. Почувствував дека жената беше во шок, како и нејзиниот асистент. „24.000 пољубаца“ беше песната што јас ја „викав“ со цел глас. Можете да замислите, со не толку добар слух, да пеете на италијански јазик, тоа беше вистинска храброст. Одлучија да ме примат. „Толкава доза на безобразлук и упорност, тој веројатно ќе може да се занимава со оваа работа, од него нешто ќе биде“, заклучија професорите. И успеав.

Дали сте суеверен?

-Можеби и сум, само што јас бегам од тоа. Тоа се некои мои, лични знаци. Не сакам да ми гледаат во дланка, во филџан од кафе, да ми „прорекуваат“ иднина...

Еднаш изјавивте, „публиката се плаши од мене, колку и јас од неа“, па тоа го поврзувам со некое суеверие...

-Уште како мал, кога одев на школо баба ми секогаш истураше вода по мене и внимаваше да не облечам две различни чорапи. Ако сега тргнам на некоја претстава или премиера и ако нешто од битните работи заборавам дома, ни за жива глава не се враќам по тоа. Тоа ми остана како некој знак од детството. Кога бев во Париз, запознав Југословен кој беше познат по тоа што гледа во карти на најпознатите личности од светот и им ја прорекува иднината. Кај него одеа кралеви, кралици, принцеви, политичари... Јас одбив. Но, на денот на премиерата во Париз (претстава „На дну“ –Максим Горки), ми стигна телеграм од него во кој пишуваше: „Моите ѕвезди вечерва се со тебе“. Сепак, телеграмата ја ставив во џебот од костимот и кога излегов пред публика, прво ја ставив раката во џеб и го допрев.

Дали и денес сакате да одите во кафеана?

-Како не. Не сум од оние кои велат: „Гаси ја цигарата, не ми чади овде!“. Сè уште сакам да се дружам со пријателите во кафеана, бидејќи тоа е навика во која уживам.

Вашата сопруга Милена неодамна ни изјави дека не е оптоврена со годините. Дали и со Вас е исто?

-Никогаш не сум се оптоварувал со годините. Дури како млад актер кажував дека имам повеќе години отколку што навистина имав. Веројатно сакав да бидам некако позрел, па макар и преку таа лага. Немам проблем со годините, доколку не се појават некои здравствени тегоби, што имаат можеби врска со нив.

Зад Вас е раскошна кариера и стотици улоги. Кога ќе погледнете наназад, задоволни ли сте со постигнатото?

-Можам да кажам дека сум, затоа навистина би било еретично да фрлам „камен на ѕвезди“, но мислам дека сè уште не сум го напишал крајот. Така што, тоа е нешто што јас го очекувам, што другите го очекуваат од мене и што можеби ќе се случи. А до сега, сè што посакав, тоа и ми се оствари.

Повеќе од четири децении сте со Милена во брак. Имате ли чувство дека навистина поминало толку време?

-Искрено не, затоа што ние живеевме бурно и брзо, како што и треба да се живее.

Во последно време сме сведоци дека браковите меѓу познатите личности многу тешко опстојуваат и ги следат бурни разводи. Кој е рецептот во вашиот случај?

-Мојот совет е да не се разведуваат преку везници и да не се вљубуваат преку истите тие весници, да не праќаат пораки преку медиуми, туку да ја пронајдат својата интима. Така е најдобро и тоа е единствениот рецепт за заеднички години со некого.

Велите дека со шармот се „извлекувавте“ од училишните обврски и други животни ситуации. Колку тоа има врска со глумата?

-Тоа е веројатно детска, младешка желба да се доминира. Глупав збор е да се „успее“, не е тоа вситинскиот збор, но мислам дека тоа е желба да бидеш на она место во животот каде што посакуваш. Кога свесно го употребуваш шармот, тоа може да има негативна конотација, но и многу позитивна. Глумата на пример е токму тоа. Собирање на внимание врз себе. Некој тоа го нарекува нарцисоидност, но не – и во театар и во кафеана или било каде, ти мораш тоа да го правиш, тоа е суштината на таа игра. Желбата другите да те забележат не мора да се „прави“. Тоа ви е приемен испит на академија. Ако го имаш тоа, ќе се види. Често зборувам дека, можам сега да одам на приемен и само со поглед на тие 500 луѓе, без да знам било што за нив, да покажам кои 10 од нив ќе влезат.

Што е за Вас вредно за борба?

-Спаѓам во оние, што е малку и опасно, чии сништа се остварени. Па сепак, и сега мислам дека треба да направам уште нешто. И тоа нешто капитално. Сè уште не го направив тоа. Веројатно и нема никогаш, но таа мисла ме држи да опстанам. И во себе да го сочувам тоа нешто од детството.

 

Извор: Yugopair, Story

Објавено:
11 март 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
3.204 пати