Откако во 1959 година, со неполни 20 години ѝ се поклони на публиката после својот прв филм „Врата остају отворена“, актерката Милена Дравиќ ги отвори портите кон југословенското глумиште.

Таа денеска полни 75 години, носејќи ја истата позитивна насмевка и убавината што со годините доби нови облици.

Родена е во белградско семејство, а на петгодишна возраст родителите ја запишуваат на балет. Потоа следи улогата во гореспоменатиот филм, што комплетно ѝ го менува животот.

-Беше тоа време на голема сиромаштија, но нашите родители не нè учеа тоа да го сметаме како беда. Моите родители и не само тие, всушност и сите возрасни кои ги паметам од детството меѓусебно многу се дружеа и тој период во моето сеќавање остана запаметен по тоа колку луѓето се сакаа и почитуваа – вели Дравиќ во интервјуто за Wine style.

Таа понатаму додава како се гледало на уметноста тогаш.

фото: Story

-Киното и филмовите генерално, беа нешто многу важно, нешто на што се обрнува големо внимание, извор на големо исполнување. Се сеќавам, тато отиде да го гледа „Један дан живота“ и дома се врати со по малку мокра кошула. Многу, многу години подоцна, бев во Мексико Сити. Излегов на плоштад, а таму музичари. Свираат. Околу нив многу луѓе. Одзвонуваат мелодии... Се пробивам до музичарите и ги честам со што го разбудив нивното чудење, па ја нарачав: „Један дан живота“. За тато, за мене, за сите нас кои во тие дамнешни години по улиците пееја за Мама-Хуанита.

Со улогата во филмот „Прекобројна“ од 1962 година стана најмладиот лауреат на престижната Златна арена. А потоа, следи и низа на други признанија, меѓу кои и награди на фестивалите во Венеција и Кан, каде во 1980-та со улогата во филмот „Посебан третман“, добива Златна палма. До денеска остана единствениот актер од овие простори кој освои Канска награда.

Јагош Марковиќ за неа ќе каже дека е врвна уметница:

фото: theapricity

-Цел живот без постојан ангажман, без клан, без партија, без било кој или било што да ѝ го чува грбот. Сама, со Драган кој е создаден од исти вредности. Честита, голема и своја, трае толку децении! Тоа е вистински подвиг, и човечки и уметнички!“

Годините во нејзиниот случај немаат ништо со вистинското сметање на времето, затоа што не се реални за животот што го носи во ведриот поглед.

фото: ladylike.hr

-Како професионалец можам само да жалам за максимално професионалните времиња. Некогаш сите ние што се занимававме со филм, работевме со огромен ентузијазам, од Љубљана до Гевгелија, иако воопшто не бевме доволно платени, ниту живеевме во раскош. Сега гледам дека на телевизија постојано се репризираат едни исти стари филмови, а од тоа време има многу фантастични остварувања што никогаш не се репризирани – вели актерката за српскиот Story.

-Ако е веќе сè онака како што е, сигурно така требало да биде. Во сето она што го направив за филмот, театарот и телевизијата, се искажав себеси. Кога ќе ме прашаат, што би работела кога повторно би се родила, секогаш велам дека сигурно биј ја одбрала глумата, но можеби би совладала и некои практични работи.

Задоволството што ја обзема работејќи ја работата што ја сака, покрај генетиката и грижата за телото, е пресудно за тоа што таа плени со изгледот и во оваа декада од животот.

фото: dizajn.hr

-Не им забележувам на колешките што сакаат да изгледаат подобро, па посегнуваат по хируршки интервенции, но не треба да се претерува. Можеби и јас еден ден ќе се одлучам со слични методи да му помогнам на својот изглед, но кога денес за такво нешто ќе ја прашам мојата козметичарка, ми вели тоа повеќе да не го споменувам. Инаку, до 30-тата, жената поминува низ лутање, несигурност, а потоа станува свесна за себе и стекнува самодоверба. Мене ниту 40-тите, ниту 50-тите не ми донесоа некаков вид оптоварување, какво што денес имаат жените со 25 години. Се сметаат за стари, а јас не живеев во таква психоза. Имав среќа пред повеќе од 20 години во Париз да ја гледам легендарната француска актерка Едвиж Луиз Каролин Кинати, попозната како Кора Лин, која тогаш со преку 70 години на сцената пленеше со харизма и со добриот изглед имаше комплетно покритие што парнерот што го играше нејзиниот љубовник беше 40 години помлад.

фото: buro247.hr

Во едно свое интервју таа објасни: „Не ми беше тешко, затоа што јас одлучувам кога сум стара, кога не сум, јас одлучувам дали сум убава или не, јас одлучувам дали сум посакувана или не, а не вие!“. Тоа ми се допадна. Не се оптоварувам со годините и свесна сум за нив. Нормално е да се старее, а една убава изрека вели: „Стар си кога забораваш дека си млад“. Треба нормално да ги носиме своите години. Драго ми е што сепак добивам улоги кои ми прилегаат, па дури играм и постари од мене. Редовно работам вежби, одржувам кондиција и се негувам, затоа што сето тоа е неопходно за оваа работа – раскажува Милена.

На прашањето дали својот физички изглед го менувала грижејќи се за тоа што ќе каже режисерот или сопругот Драган Николиќ одговара:

-Порано, во договорите стоеше дека кога ќе почнеш да работиш на некоја улога, должен си својот изглед да го оставиш непроменет до крајот на снимањето. А друго е кога ќе се добие комплимент од сопругот. Всушност, тоа е најважно – се пошегува актерката.

Објавено:
6 октомври 2015
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
2.818 пати